Ташевска-Ременски: Да се обезбедат услови за непречено функционирање на локалните економски совети

Mинистерот за труд и социјална политика, д-р Фросина Ташевска-Ременски се обрати на конференцијата на тема “Локалните Економско Социјални Совети – двигатели на локалните политики за вработување”, во организација на УСАИД Мрежа ЈЕС. При тоа таа изрази задоволство што на едно место беа присутни претставници на Националниот и на Локалните економски совети бидејќи од заеднички интерес е разбирањето на концептот на социјалниот дијалог, и барањето механизми за продлабочување на соработката помеѓу локалните и институциите од централна власт посебно во делот на вработувањето и усогласеноста на пазарот на труд, како едни од најважните задачи на овие економски совети.

Ташевска-Ременски потсети дека Законот за работни односи од 2005 година ја постави законската рамка за функционирањето на социјалниот дијалог на бипартитно и трипартитно ниво и ги утврди правила за создавање на организации на работници и работодавачи како и одредби за колективното договарање и работните односи помеѓу двете страни.

„Соработката на социјалните партнери на локално ниво треба да делува кон подобрување на деловното опкружување, развој на претприемништвото, здравствената и социјалната политика, пазарот на труд, како и да претставува основа за развој на системот за мирно решавање на работните спорови. Соработката на социјалните партнери на локално ниво дополнително ќе помогнат во создавање на предуслови за планиран економски развој на Општините, намалување на невработеноста на локално ниво и ќе го поткрепи процесот на децентрализација во Република Македонија, како клучен елемент во демократското владеење и како предуслов за позитивна конкуренција на Општините”, рече д-р Фросина Ташевска-Ременски.

Ефикасноста во работење на локалните економски совети, пред се зависат од подготвеноста и разбирањето на самиот концептот на социјалниот дијалог од страна на сите инволвирани партнери, од посветеноста и професионалноста на членовите на советите и финансиската поддршка од Општините.

Според Ташевска-Ременски сега приоритет е да се обезбедат услови за непречено функционирање на локалните економски совети.

„Она што останува како приоритет понатаму, во врска со јакнењето на овие локални совети е обезбедувањето на услови тие да продолжат да функционираат непречено и независно и во иднина и постепено да се ослободуваат од финансиската помош обезбедена преку донации, туку да се обезбеди официјална посветеност и финансиска поддршка во имплементацијата на нивните акциски планови од страна на Општините, да се воспостави редовна комуникација и врска со Националниот економско социјален совет и да се дефинираат начините за нивно вмрежување заради обезбедување поиздржан и организиран настап пред финансиските фондови”, рече министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски на денешната конференција и .изрази надеж дека на неа ќе бидат дискутирани, предложени и усвоени успешни решенија, кои ќе придонесат за зајакнување на улогата на локалните совети но, и обврската Националниот економско-социјален совет да биде гаранција за нивната одржливост, функционалност и поддршка за сите нивни активности.