Македонија на листа на туроператори од Словенија

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија за првпат се претстави на саемот за туризам во Љубљана, Словенија (NatourAlpeAdria) кој трае од 27-ми до 30-ти Јануари 2016 година, а се организира по 9-ти пат.

Учеството на Македонија побуди голем интерес на тамошните тур-оператори и потенцијални туристи, но и словенските медиуми не останаа рамнодушни на македонската иницијатива за развој и промоција на туризмот на словенскиот пазар.

„Го изразувам задоволството што после неколку години пауза, повторно учествуваме на саемот NatourAlpeAdria. Словенците ја перцепираат Македонија како пријателска земја од југот каде што најголем интерес се забележува за алтернативниот туризам како и врвните кулинарски и вински потенцијали” – изјави Амбасадорот на Македонија во Словенија, Томи Димитровски.

Истакнати имиња од туристичката индустрија на Словенија како Leja tours, Jazon, Elephant Travel и Fly Fly Travel, но и националните организации на Република Српска и Република Србија остварија состанок со делагацијата на Македонија со цел да го истражат интересот и дознаат потенцијалот на нашата земја.

Планинарското друштво Драмље од Словенија иницираше соработка со македонските планинарски друштва со кои планира заедно да го претстави Балканот нудејќи кружни тури на кинеските и руските туристи.

Саемот за туризам во Словенија обедини 30 земји и околу 300 излагачи кои ја промовираат својата туристичка понуда пред повеќе од 1500 посетители.