Специјалното јавно обвинителство и Јанева најавуваат тужби за клевета и за навреда

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во соопштение до јавноста изразува загриженост за начинот на известување на одредени медиуми, поврзано со нивната работа, како и со работата на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Покрај демантот до одредени медиуми, од Специјалното јавно обвинителство најавуваат покренување на граѓански постапки за клевета и за навреда, како и кривични постапки за лажно пријавување кривично дело.

„Ова јавно обвинителство, иако беше изложено на неосновани напади и во претходниот период, покажа висок степен на толеранција спрема лицата што изнесуваа невистини, навреди, клевети и се служеа со говор на омраза насочен кон обвинителството. Со оглед дека бројните апели од наша страна не дадоа резултат, а за да се заштити интегритетот и безбедноста на јавните обвинители и на нивните семејства, ја известуваме јавноста дека во периодот што следува против одредени лица ќе бидат покренати соодветни граѓански постапки за клевета и за навреда, како и кривични постапки за лажно пријавување кривично дело “– се вели во соопштението на Специјалното јавно обвинителство.

Тие апелираат до сите медиуми и до поединци да се воздржат од изнесување невистини за работењето на Специјалното јавно обвинителство и да се воздржат од негово етикетирање и ставање во функција на дневно-политички цели.

„Истакнуваме дека како професионална институција, нашиот единствен фокус е борбата против криминалот, а нашата мисија е спроведување на правдата и обезбедување еднаков третман на сите пред законот“ – се додава во соопштението.

Извор: meta.mk