Министерката за култура се сретна со светски реномираниот театарски режисер со словенечко потекло Томаж Пандур

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари работна средба со светски реномираниот театарски режисер со словенечко потекло Томаж Пандур, кој годинава ќе биде еден од ексклузивните гости на сцената на Националната установа Македонски народен театар. На средбата режисерот Пандур, кој во последните десет години активно соработува со големите театарски куќи во Мадрид, Шпанија, го изрази своето огромно задоволство од техничко-технолошките можности што ги поседува објектот на Македонскиот народен театар и ја посочи одличната соработка со МНТ каде што започнаа подготовките за премиерното поставување на претставата „Кралот Лир“ од британскиот драматург Шекспир.

На средбата, на која присуствуваше и директорот на МНТ Дејан Пројковски, беше посочено дека на крајот од месецов ќе биде реализиран и изборот на актерската екипа, а во наредните два месеца активно ќе течат пробите за оваа претстава на Шекспир, која на сцената на националниот театар, на крајот од август, премиерно ќе биде поставена во чест на одбележувањето на 400 години од смртта на светски водечкиот драматург.

Министерката за култура информираше и за интензивната поддршка од Владата на РМ и од Министерството за култура во областа на театарската дејност, каде што се реализираат крупни инфраструктурни зафати, а ги посочи и успесите на националниот театар на чија сцена режираат еминентни имиња од европскиот и од светскиот театар. Словенечкиот режисер на средбата истакна дека културата за секоја држава претставува бренд, а особено важни се и поддршката и заложбите да се брендира македонскиот театар, кој има свои специфики и особености кои го издвојуваат во регионот. На средбата стана збор и за можностите за поинтензивна промоција на Македонскиот народен театар во светските метрополи, меѓу кои и Мадрид.

kabinet_4_-640