Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес по средбата со Села и Мемеди, во изјава за медиумите истакна:
„Сакаме да ги информираме граѓаните дека оваа заеднички иницирана средба е во духот на потврда на нашите заеднички ставови, веќе соопштени пред јавноста, а тоа е дека сите заедно стоиме на гледиштето дека на 24 април е невозможно да се оди на избори, заради неисполнетост на условите, но и истовремено ми е драго што заедно негуваме ставови дека императив за иднината на Република Македонија се фер, регуларни, демократски и слободни избори. Тоа не е возможно без прочистување на Избирачкиот список и тоа не е возможно без доволно медиумски простор за фер политички натпревар помеѓу сите конкуренти во политичката битка на престојните избори.
Се надеваме дека сето ова ќе биде исполнето за да може и опозицијата да партиципира на избори преку коишто секако, ќе се гарантира стабилност на Република Македонија, полн легитимитет на победникот и она што Европската Унија го очекува од нас, а е веќе нотирано во Извештајот за Република Македонија – опстојување на препокарата за почеток на преговори со конечната цел, фер, регуларни и демократски избори.“- рече Заев.
Одговори на новинарски прашања
Медиуми: …
Заев: Значи денеска ние воспоставивме комуникација. Тоа значи дека опозициониот блок како што рекоа и колегите, има своја улога и задача во општеството, да биде коректив на целото она што не чини, а досега е спроведено од владеачките партии. Денеска испраќаме многу јасно порака – ова е само за интерес на граѓаните. Опозицијата застанува зад еднакви работи за коишто верува, без разлика дали е од македонскиот или албанскиот политички блок. Оваа комуникација може да биде само за добра, заедничка иднина на сите граѓани и за нашата заедничка Македонија.
Медиуми: Дали е точно дека се согласивте со методологијата предложена од ДИК и зошто го направивте тоа?
Заев: Ние од Социјалдемократскиот сојуз ќе докажеме дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат намера да избегаат од слободни, регуларни, фер и демократски избори. ДИК е независниот орган којшто има задача и е единствено одговорен да го прочисти Избирачкиот список и тоа да го соопшти на јавноста во Македонија. Тоа повеќе не зависи од политичките партии, ниту од политичарите во нашата земја. Тоа е независна инсититуција и тоа е нејзината цел. А истовремено ќе докажеме дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да го развлекува целиот процес, се со конечна цел да избегне фер, регуларен и демократски политички натпревар, знаејќи дека при вакви услови, тие ќе ги изгубат изборите.
Ќе видиме во периодот што престои, поврзан со медиумите.Тие намерно ќе одбиваат, намерно ќе развлекуваат `се, со конечна цел да не се создадат услови за слободни, фер и регуларни избори. Оттука, нема да бидеме ние причина никогаш, туку напротив, ќе докажеме дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заедно здружени, докажуваат пред јавностa дека досега победувале и сакаат и понатаму да победуваат на избори коишто се нерегуларни, нефер и недемократски. Затоа уште еднаш потенцираме, СДСМ и опозицијата целосно ја пренесува довербата кон независната институција ДИК. Тие се тие коишто треба да работат и согласно сработеното да го информираат секој наш граѓанин, преку вас медиумите, до кога точно ќе заврши регулацијата, односно прочистувањето на Избирачкиот список.
Медиуми: Зошто остапивте од она барање вие да ја прифатите методологијата, а ВМРО-ДПМНЕ да го прифати Законот на Ванхојте за медиуми, зошто се премисливте?
Заев: Затоа што ВМРО ДПМНЕ јасно настапува со своите ставови дека не го прифаќа предлогот којшто е од меѓународната заедница, а вчера беше денот кога ВМРО-ДПМНЕ достави писмена согласност до ДИК. И ние го направивме тоа, зошто, за да не бидеме никогаш, како досега, причина за одолговлекување на избирачкиот процес. СДСМ сака брзи избори, веднаш ако е тоа возможно, но претходно тие мора да бидат фер, демократски организирани заедно сите независни институции којшто ние ги формиравме и гласавме во Парламентот.
Медиуми: Дали изготвивте нацрт на Законот за медиуми во согласност со предлогот на Ванхојте?
Заев: Нацрт на законот е направен. Тоа е предлогот на меѓународната заедница. Уште вечерва или кога ќе биде закажана таква работна група, во таа група ќе влеземе со став дека сите наши сугестии по тој закон што е на маса веќе месец и половина ќе ги повлечеме и во целост ќе го прифатиме овој закон предложен од меѓународната заедница, заради тоа што тука се работи за систематско трајно решение, консултирано со вас од фелата, со многу стручни луѓе и експерти кои на крајот ќе понудат систематско и трајно решение кое што ќе обезбеди услови за медиумски натпревар или подеднакви услови за медиумски натпревар на сите политички партии.
Медиуми: Зошто отстапивте по примерот паметниот попушта?
Заев: Не, не апсолутно методологијата е нешто кое што е неопходно по кое што треба да работи ДИК. Тие веќе и работат по таа методологија во делот на подготовка на проверувањето на Избирачкиот список. Ако СДСМ не го направи ваквиот чекор ќе остави впечаток дека има намера да го развлекува целиот овој процес. Не, нашата намера е чесна искрена. Ние сакаме услови за фер и демократски изборен процес. Тоа е нашата намера. При тоа немаме намера да попуштиме за ништо како што впрочем тоа го правиме на конструктивен начин, тоа така ќе продолжи сега и во делот на медиумите.
Медиуми: Дали методологијата ги содржи сите операции за прочистување на избирачкиот список?
Заев: Методологијата ги предвидува сите неопходни операции за прочистување на Избирачкиот список. Уште еднаш ќе ги напоменам: статистички и историски проверки на Избирачкиот список (тоа значи избирачките списоци од 2009 година со сите избирачки списоци наваму до последниот Избирачки список), проверка на Избирачкиот список и вкрстување со десет бази добиени од државни институции, согласно тоа теренска проверка (за проверка на Избирачкиот список, на сите сомнителни факти и датотеки коишто ќе се јават согласно методологијата и правилниците коишто ДИК се надевам после овие согласности ќе ги усвои) и на крајот секако е бришењето на сите недозволиви податоци во Избирачкиот список што на крајот го потврдува и самиот процес на прочистување на Избирачкиот список. За сите тие операции со сето она што е неопходно за завршување како операции и подоперации е потребно, по пресметките од 85 до 90 дена. Иако постојат сеуште прашања коишто во моментов неможе никој да ги одговори односно би биле одговорени кога ке се заврши одредена фази од сите овие фази коишто ги спомнав во одговорот на вашето прашање.
Медиуми: Дали ако меѓународната заедница на 20 февруари излезе со став дека се создадени услови за избори на 24 април, СДСМ ке оди на избори?
Заев: Значи таква можност и теоретски не е возможна да се случи од проста причина што сите детали на усвоена методологија и на донесен Избирачки закон потврдуват неопходност од 85 до 90 дена под идеални услови на перфектно функционирање на сите државни институции. Затоа е невозможно да се случи да до 5 март кога по закон се затвора проверката на Избирачкиот список, а тоа е 32 дена од денеска, да биде завршена работа за којашто и по закон и по методологија е потребно помеѓу 85 и 90 дена. Уште еднаш само потврдувам, Социјалдемократскиот сојуз сака избори уште утре, оваа власт мора да замине. Слободата и демократијата во Македонија мора да се вратат, но тоа е единствено можно со постигнати фер, демократски услови на регуларни и слободни избори.