Во галеријата на Младинскиот културен центар од 19 февруари до 16 март ќе биде поставена ексклузивна изложба на дела од големиот шпански сликар Пабло Пикасо. Ќе бидат претставени 46 графички дела – факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, од периодот 1932-1969 година. Делата се во сопственост на приватната галерија „Висконти“ од Љубљана.
Директорот на МКЦ Златко Стевковски на прес-конференција рече дека во сржта на збирката се комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес се ретко видени и достапни дела: „Двојна флејта“ (која содржи 16 литографии – женски и машки актови, мотиви со минотаури и баханалии, појадок на трева, шпански мотив според Веласкез и портретот на сопругата Жаклина…); „Фауна и флора од Антиб“ (мапа со девет литографии) и „Цртежите на Пикасо“ (мапа-книга со 16 факсимили на цртежи од периодот меѓу 1942 и 1946 година).
„Црвената нишка на оваа збирка, а и нејзината суштина, е дар и восхит на бескрајно големото, а толку лесно мајсторство на цртање на Пикасо, кое при секое ново погледнување, повторно го восхитува гледачот со својата чиста и цврста линија, но и со својата разиграност и богатство на формата, кои на секоја графичка листа се свежи и нови“, рече Стевковски.
Изложбата за која влезот ќе биде слободен секој ден од 9 до 21 часот е организирана со поддршка на Министерството за култура. Министерката Елизабета Канческа-Милевска рече дека таа ќе го долови врвното мајсторство и богатството на формата на Пикасо.
„Неговото суштинско познавање на човечката анатомија, особено на женскиот акт, неговите креации кои, според многумина, може да се споредат со незапирливи експлозии на вулканска лава. Пикасо има создадено обемен графички опус, кој можеби нема конкурент меѓу уметниците од 20 век и во таа смисла навистина радува можноста да се видат овие негови ретко достапни дела“, рече Канческа-Милевска.
Потсети на уште неколку ексклузивни изложби кои се реализираа во изминатите години (Дали, Вазарели, Мур, Базелиц и Саудек) и најави уште неколку на познати светски автори во оваа година, како Демијан Хрст (поставка која ќе се реализира во соработка со Британскиот совет), а во МКЦ македонската јавност ќе може да ги види и поп-арт изложбата на Енди Ворхол, дела од Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг… Канческа-Милевска додаде дека годинава ќе има поддршка и за претставувањата на македонските автори, како и за институциите во ликовната дејност.