Јолевски: Соработката со САД на високо ниво, Македонија заслужува итен прием во НАТО

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски во текот на вчерашиот ден имаше настап на тркалезна маса во Комитетот за вооружени сили во Сенатот на САД, на кој говорници беа повеќе сенатори, конгресмени и претставици од Југоисточна Европа. Завршно излагање на тркалезната маса имаше сенаторот Мекејн. Во текот на дискусијата беше констатирано дека соработката меѓу државите е клучна за справување со асиметричните закани со кои се соочува светот. Министерот Јолевски истакна дека интеграцијата на земјите од регионот во НАТО и во Европската Унија ќе придонесе за натамошно зајакнување на земјите од регионот и позитивно ќе влијае врз стабилноста и просперитетот на земјите од Југоисточна Европа.

Воедно Јолевски побара што поскоро на Република Македонија да и се даде покана за членство во НАТО.

Во Вашингтон министерот Јолевски оствари средба и со заменикот-помошник секретар за одбранбена политика на Европа и НАТО, Даниел Фата. За време на состанокот министерот Јолевски рече дека членството на Република Македонија во НАТО ќе придонесе кон воспоставување и одржување на стабилна безбедносна клима во регионот и пошироко. Фата порача дека Република Македонија и Армијата на Република Македонија со учеството во мировните мисии ИСАФ до 2015 година, а потоа и во „Одлучна поддршка“ се покажале како исклучителни подржувачи на глобалните вредности за мир и демократија.

За време на дискусија на тема „Безбедноста и Мигрантската криза во Западен Балкан“ организирана од страна на Германскиот Маршал Фонд министерот Јолевски имаше свое обраќање. „Кризата со мигрантите е заеднички предизвик на Европа и затоа има потреба да се зголеми соработката и координацијата помеѓу државите погодени од неа. Последните настани ја наметнаа неопходноста од поддршка, обединување, не само во ЕУ туку и пошироко“, истакна министерот Јолевски. Тој додаде дека потребно е постојано надодградување и подобрување на сеопфатната стратегија за справување со овој предизвик со кој се соочува Европа.

Јолевски порача дека припадниците на Армијата се исклучителни во извршувањето на своите задачи и дека даваат се од себе во соработка со МВР, меѓународните и невладините организации на најхуман начин да го олеснат преминот на мигрантите преку јужната граница. Од страна на високи претставници на американската администрација беше истакната подготвеноста да дадат поддршка на Македонија во справувањето со мигрантската криза. Во текот на дискусијата министерот Јолевски побара што побрзо да и се даде покана на Република Македонија за членство во НАТО и да започнат преговорите за членство во Европската Унија. „Статус кво ситуацијата во интегративните процеси на Македонија е неодржлива“ рече министерот Јолевски истакнувајќи притоа дека Македонија ги исполнила условите за членство во НАТО уште во 2008 година.

DSC_0030_resize