Нови електронски услуги – електронски барања за рефундација за болничко лекување, лекови на рецепт и на вграден и потрошен материјал

Фондот за здравствено осигурување на Македонија продолжува да промовира нови електронски услуги, во рамки на месец февруари кој е прогласен за месец на електронски услуги. Денес, Фондот на својот портал промовира три нови електронски услуги за правата кои се гарантирани врз основа на закон за осигурениците кои досега беа достапни само во хартиена форма, а од сега ќе можат да ги добијат поедноставно, побрзо и поефикасно по електронски пат преку новите електронски услуги кои денеска ги промовираме. Денес директорите на Фондот ги промовираа следните три нови услуги:

1. Електронско барање за рефундација за болничко лекување.

2. Електронско барање за рефундација на лекови на рецепт.

3. Електронско барање за рефундација на вграден и потрошен материјал.

Првата електронска услуга се однесува на рефундација на средства за извршено болничко лекување кога осигуреникот немал здравствено осигурување од различни причини. Во овие случаи кога на осигуреникот од различни причини не му е е платен здравствениот придонес повеќе од 60 дена, здравствената услуга треба да ја плаќа во целост, а потоа откога ќе се подмири здравствениот придонес осигуреникот поднесува барање за рефундација. Правото на рефундација не застарува 5 години. Ова право е гарантирано согласно законот за здравствено осигурување. Од сега, на многу поедноставен начин ќе може да се оствари ова право преку новата електронска услуга, а дополнителната документација која што осигуреникот досега требаше да ја носи лично и да ја приложува во хартија во подрачните служби, сега ќе може со едноставно скенирање и прикачување во електронскиот систем да ја прикачи на места каде што има интернет и читач. 

Втората нова електронска услуга всушност претставуваат две услуги кои ги нуди фондот споени во една, т.е право на надоместок на средства за набавени лекови на рецепт, независно дали лекот е на болничка или примарна позитивна листа. Ова право е законски гарантирано за осигуреникот и исто така произлегува од законот за здравствено осигурување. Доколку на осигуреникот за време болничкото лекување му е побарано да купи лек кој се наоѓа на позитивната листа, по завршување на лекувањето има право да поднесе барање за рефундација на средства од страна на ФЗОМ. Воедно во овој сегмент се вклучени и лекови од болничка листа кои се примаат по препорака на специјалист (некогаш и во домашни услови), а здравствената установа нема обврска да ги набавува (како на пример клексан). Осигуреникот барањето за рефундација ќе може да го поднесува електронски и на тој начин, а дополнителната документација која што осигуреникот досега требаше да ја носи лично и да ја приложува во хартија во подрачните служби, сега ќе може со едноставно скенирање и прикачување во електронскиот систем да ја прикачи на места каде што има интернет и читач. Од ФЗОМ напоменуваат дека рефундација се остварува само доколку лековите се купени од аптека со која фондот има склучено договор.

Третата електронска услуга е право на надоместок на средства за набавен стандарден медицински потрошен материјал и вградени материјали во болничка здравствена заштита. Доколку осигуреникот за време на болничкото лекување му е кажано да набави медицински потрошен материјал или пак вградил медицински материјал, истиот има право да го рефундира од страна на ФЗО. Отсега барањата за рефундација за медицинските материјали осигурениците ќе можат да ги поднесуваат електронски без притоа да доаѓаат во подрачните служби. Покрај барањето и трансакциската сметка, осигуреникот ќе може да ги прикачи и отпусното писмо/ специјалистичкиот извештај и доказот за плаќање на вградениот стандарден материјал.

За сите електронски услуги, осигуреникот преку порталот може да поднесе барање за надоместок на средства за себе или за член на семејство осигурен преку него.

Минатата година (2015) отворени се 13.885 предмети за рефундација на средства за лекови во вкупен износ од 12.759.319,00 денари како и 1.046 предмети за рефундација на вграден потрошен материјал и здравствени услуги во вкупен износ од 1.121.536,00 денари. До сега барањата за остварување на право за рефундација по овие основи се доставуваа на шалтер во подрачните служби од страна на осигурениците.

Со новите електронски услуги се постигнуваат следниве цели:

-Поедноставување на постапката за поднесување барање за ослободување и рефундација на повеќе наплатена партиципација;

-Информација за статусот на барањето за рефундација во било кое време;

-Информација за рефундација на средства

Очекувани бенефиции од користење на порталот за овие електронски услуги:

– Едноставен начин на доставување документи преку сопствениот компјутер

-Намалување на метежот на шалтерите на ФЗОМ

-Информираност на осигурениците

– Точна и достапна информација за рефундација на средства

-Намалување на хартиената документација

-Користење на ЕЗК.

Доколку на некој осигуреник му е побарано да купи лекови или потрошен материјал од здравствена установа која требала да ги има обезбедено на товар на државата, тогаш осигуреникот може да дојде во Фондот и да се рефундираат средствата.

Фондот останува да биде посветен на обезбедување на што поквалитетни здравствени услуги за осигурениците.