Околу 180 милиони денари или три милиони евра за 28 проекти, доставени од Центрите за развој на осумте плански региони, распределени се на повикот за финансирање на проекти за развој на планските региони.
Ова денеска го соопшти вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски. Тој информира дека се одржа 16. седница на Советот за рамномерен регионален развој.
„Запазен е законскиот критериум со кој најразвиениот, Скопскиот регион доби 7,2 отсто од вкупните финансиски средства. Најнеразвиениот, Североисточниот регион доби 17,3 отсто од вкупните финансиски средства или околу 500.000 евра“, изјави Пешевски.
На овој јавен повик, како што рече, најголемиот дел од проектите за кои се доделени средства или околу 80 отсто се инфраструктурни проекти.
„Станува збор за проекти со кои ќе се гради или реконструира локалната патна инфраструктура во пет региони, ќе се гради инфраструктура во две локални индустриски зони во Велес и Неготино, а ќе се уреди јавен простор за паркови во три региони. Ќе се модернизира регионалниот пазар за стоки во Пелагонискиот регион, ќе се изведуваат комунални инфраструктурни проекти во три региони, а ќе се изврши и адаптација и санација на Занаетчискиот дом во Куманово“, рече Пешевски.
Тој истакна дека ќе се реализираат и проекти за развој на туризмот во три плански региони, а во два региони ќе се спроведат проекти за подобрување на условите за живот и заштита на животната средина.
Вицепремиерот Пешевски се осврна на неколку проекти. Со најголема вредност, или 550 илјади евра е изградбата на локалниот пат со кој граѓаните од пет општини во Источниот плански регион-Штип, Карбинци, Зрновци, Виница и Радовиш се поврзуваат со регионалниот пат Р-601 и добиваат побрз пристап до планинарскиот дом Вртешка на планината Плачковица.
Адаптацијата и санацијата на Занаетчискиот дом во Куманово, како што рече, во јавен дом за надградба на капацитетите на главните двигатели на економскиот развој во Североисточниот регион е значаен проект за занаетчиството и на денешната седница се доделени 220 илјади евра.
Во Вардарскиот плански регион за инфраструктурно уредување на локалните индустриски зони во Караслари во Велес и Уз 8 во Неготино доделени се вкупно околу 300 илјади евра.
„Финансиските средства од Владата за конкретни проекти за развој на планските региони од година во година се се позначајни. Во споредба со 2014 година, кога изнесуваа околу 700.000 евра и во 2015 кога изнесуваа околу 1.500.000 евра, оваа година се веќе околу три милиони евра, односно зголемени се за четири пати во споредба со 2014“, потенцира Пешевски.
Програмата за рамномерен регионален развој освен компонентата со која се финансираат проекти за развој на планските региони, опфаќа уште две компоненти кои се насочени за поддршка на проекти за специфични подрачја и проекти за развој на селата. за овие две компоненти наскоро ќе бидат објавебни јавни повици, а вкупната финансиска поддршка ќе изнесува над 1,5 милиони евра.
Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани потсети дека од повикот што го има објавено Министерството за локална самоуправа, од вкупно 256 милиони денари за регионален развој, со овој повик се распределуваат скоро 180 милиони денари.
„Другите средства се резервирани за нови проекти, односно за нови повици кои ќе бидат објавени наскоро“, рече Шабани. Од 28 проекти што ќе се финансираат, тој ги наведе реконструкцијата на регионалниот пат Гостивар-Србиново, колектор за прибирање отпадни води од населените места во општините Тетово и Желино…