Двесте невработени лица од социјално ранливите категории, приматели на социјална помош, лица во социјален ризик и потешко вработливи лица годинава ќе можат да бидат ангажирани за општокорисна работа во општините за период од шест месеци за што ќе добиваат месечен надомест од 6.200 денари. Во периодот на ангажманот лицата кои примаат било каква парична помош од државата нема да ја изгубат.
Заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов појасни дека на овој начин се овозможува ангажирање на лицата од овие категории кои потешко доаѓаат до работа, со кое, како што рече, им се создава работна навика и им се помага да стекнат одредени вештини за во иднина полесно да најдат работа.
Оваа мерка се проведува од 2012 година, и како што рече Спасов, досега се покажала како успешна. Во овој период биле ангажирани 540 лица, а 140 од нив потоа нашле постојана работа.
За реализирање на оваа мерка за годинава се издвоени средства во висина од 9 милиони денари.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски информира дека денеска е објавен огласот за повик до општините кои сакаат да ангажираат лица за општокорисна работа. Огласот е отворен 35 дена. Потоа општините треба да предложат програма за тоа колку лица им се потребни, во кои дејности, по што ќе се прави евалуација и одобрубвање на бројката на лица за ангажирање.
Попоски додаде дека потоа невработените лица од овие категории ќе бидат повикани на интервју во општините, по што ќе бидат склучувани договорите.
За периодот за кој ќе бидат ангажирани лицата ќе добиваат средства за надомест на храна и превоз во висина од 6.200 денари месечно, ќе бидат осигурени во случај на повреда, а за нив ќе се плаќа и персонален данок.