Во Македонија пријавени се 3.127 новозаболени од грип

Во текот на 5-тата недела од 2016 година (01.02 – 07.02.2016), во Република Македонија од 28 извештајни единици пријавени се 3.127 случаи на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 151,1 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 61% во однос на минатата недела. Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 89,6% споредено со 5-тата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 1.649 случаи, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони исто така постои зголемување од 57,7%.

Наведените факти говорат во прилог на значително интензивирање на сезонската активност на грип во текот на оваа недела, која е на горната неделна граница на очекуван број на случаи.

Неделна дистрибуција на заболените од сезонски грип во 2015/2016, споредена со сезона 2014/2015 и сезонска епидемиска крива за последни 5 сезони

Како и претходната, и во 5-тата недела, најголем број заболени (n=2.208) се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај децата/учениците на возраст од 5-14 години (I=209,1/100.000) и кај децата на возраст од 0-4 години – 200,5/100.000 жители.

Оваа недела најголем број заболени (440) се пријавени од ЦЈЗ Битола, ЦЈЗ Прилеп има регистрирано 399 заболени, ЦЈЗ Струмица – 394, ЦЈЗ Охрид – 303 и ПЕ Свети Николе со 255 случаи каде е регистрирана и највисока инциденца во текот на оваа недела (I=1.243,2/100.000). ЦЈЗ Скопје, оваа недела регистрираше 247 заболени лица (Картограм).

Картограм. Неделна инциденца на грип/заболувања слични на грип на 100.000 жители по ЦЈЗ/ПЕ, Република Македонија, 5-та недела 2016 година.

Вкупниот број на пријавени случаи во текот на оваа сезона е 8.007, со инциденца од 387,0 на 100.000 жители. Во споредба со истиот период од минатата година, вкупниот број на пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 17,2%, а во однос на моделот за последните пет сезони се регистрира исто така зголемување од 6,9%.

Во текот на оваа сезона, случаи на грип се пријавени од вкупно 29 извештајни единици. Најголем број се регистрирани во регионот на ЦЈЗ Струмица (n=1.072; 13,4%), ЦЈЗ Прилеп (n=1.013; 12,7%), ЦЈЗ Куманово (n=853; 10,7%) и ЦЈЗ Битола (n=711; 8,9%). Највисока инциденца е забележана во Свети Николе и изнесува 2.423,0/100.000 (вкупно 497 заболени), како и во ПЕ Кратово (I=1.233,1/100.000).

Дистрибуција на случаи и морбидитет од сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ, сезона 2015/16

Во однос на дистрибуцијата по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 5.832 случаи (72,8%), а најголема кумулативна инциденца од 483,5/100.000 се регистрира кај децата/учениците на возраст од 5-14 години, како и кај децата на возраст од 0-4 години (468,2/100.000 жители).

Дистрибуција на случаи и инциденца од сезонски грип по возрасни групи, сезона 2015/16

Дистрибуцијата на заболените од сезонски грип по месеци покажува континуиран пораст секој нареден месец од почетокот на сезоната. Најголем број на заболени се регистрирани во текот на месец јануари – 3.632 случаи или 45,4% од вкупниот број во сезоната.

Дистрибуција на случаи нa сезонски грип по месеци, сезона 2015/16

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ се пристигнати 12 материјали тестирање за присуство на грип. Од нив 5 материјали се тестирани позитивни (41,7%), од кои 3 материјали се Influenza A(H1N1)pdm09 и по еден е Influenza A – нетипизиран и Influenza B.

Во сезоната 2015/2016 од досега пристигнатите 57 примероци, 8 (14,0%) се позитивни на присуство на вирусот на грип (3 се A(H1N1)pdm09, 3 – Influenza A – нетипизирани и 2 – Influenza B).

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Од 42 недела од 2015 започната е вакцинацијата со вакцина против сезонски грип.

Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се вкупно 26.636 лица и потрошени 88,1% од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на 5-та недела, вакцинирани се 29 лица – најголем број од нив во Скопје (11), додека 79,7% од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација.

Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 60,3% (n=16.064), 34,9% (n=9.296) се на возраст од 30-64 години, додека лицата на возраст од 5-29 години чинат 1,9% (n=514) од сите вакцинирани. Вакцинирани се 7 деца под 5 години. Нема вакцинирани бремени жени. Кумулативно, оваа сезона се вакцинирани и 755 здравствени работници (2,8% од сите вакцинирани лица). Од вкупниот број вакцинирани, 18.159 или 68,2% се лица со историја на хронично/и заболување/а.

Согласно информациите до затворање на извештајот, во овластените приватни здравствени установи во Македонија досега се вакцинирани вкупно 656 лица во Скопје.

Најголем број од нив се деца на возраст од 0-4 години – 317 (48,3%), 150 (22,9%) лица на возраст над 65 години и од 30-64 години вакцинирани се 132 лица (20,1%). Од вкупниот број вакцинирани, 164 или 25% се со историја на хронично/и заболување/а.

Во овој момент, вакцинацијата е завршена во 10 извештајни единици: ПЕ Демир Хисар, ПЕ Кавадарци, ПЕ Неготино, ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Кочани, ПЕ Дебар, ПЕ Струга, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Валандово и ПЕ Радовиш.

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава посебна препорака до сите лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, кои досега не се вакцинирале да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации и да се вакцинираат против сезонски грип.

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Бројот на регистрирани случаи на грип бележи интензивен пораст во последните две недели, како и бројот на позитивно тестирани примероци. Постои широка географска распространетост односно 93,5% од ЦЈЗ/ПЕ пријавиле случаи во текот на сезоната.

Може да се констатира дека во Македонија активноста на вирусот на грип е со висок интензитет и широка географската распространетост.

Се очекува континуираниот пораст на активноста на грип да продолжи и во наредните недели.