Бегалската и мигрантската криза, билатералните односи и соработката, како и македонските европски и евроатлантски интеграции, беа во фокусот на денешната средба на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и претседателот на Чешката Република Милош Земан, во Прага каде што претседателот Иванов попладневно ќе учествува на вонредниот Самит на земјите од Вишеградската група.
Македонскиот претседател изрази благодарност за помошта од Чешка која придонесува со присуство на сили и со опрема со цел поефикасна заштита и надзор на границата, поефикасен систем на регистрација на бегалците и намалување на безбедносните ризици во подрачјето зафатено со криза.
Двајцата претседатели се согласија дека Шенген зоната е доведена во опасност, a неодговорното однесување на земји членки на Унијата во заштита на надворешните граници и неисполнувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција може да има огромни последици за целиот Балкански регион.
„За нас е значајно да се воспостават заеднички критериуми за справување со кризата и тоа што е договорено на европско ниво да се имплементира, при што секој треба да си ги исполнува своите обврски”. Европската унија, рече претседателот Иванов, мора да вложи напор да обезбеди европски одговор на кризата, додека едностраните решенија, неодговорното однесување на државите членки на Унијата и неносењето одлуки во Унијата не помагаат и предизвикуваат последици со кои треба да се справуваме.
На средбата беа разменети мислења за развојот и сценаријатa за справување превенција сo мигрантската криза и политичко-безбедносениот аспект од неа. Двајцата соговорници се согласија дека е неопходно поефикасно управување и заштита границите, унапредување на соработката и размената на податоците за намалување на безбедносните ризици со кои се соочува регионот.
Во разговорите беа разменети мислења околу европските и евроатланските цели на Република Македонија, при што, претседателот Иванов укажа на суштинската важност од брзо интегрирање на Македонија во НАТО и во ЕУ и побара поддршка за прием на Македонија во Алијансата на претстојниот Самит во Варшава. Во контекст на евроинтеграциите, претседателот Иванов посочи дека и покрај сериозните предизвици со кои е соочена Европа, Европската унија мора да го продолжи процесот на проширување, затоа што интегрирањето во безбедносната и политичката архитектура на ЕУ е најсоодветен одговор за справување со предизвиците.
Претседателот Иванов се заблагодари за поканата за учество на Самитот на Вишеградската група, изрази задоволство од одличните политички односи со Чешката Република и истакна дека Република Македонија и натаму ќе биде посветена на унапредување на севкупните билатерални односи со посебен акцент наекономска соработка. Беше договорено политичкиот дијалог на највисоко ниво да продолжи во наредниот период.