Министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски оствари средба со известителите на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите членки на Советот на Европа (мониторинг комисија). Во состав на делегацијата беа Лиза Кристоферсен (Lise Christoferssen), Норвешка, Група на Социјалисти, известител на пост-мониторинг дијалог со Република Македонија; Валериј Гилечи (Valeriu Ghiletchi), Република Молдавија, Група на Европски народни партии, известител на пост-мониторинг дијалог со Република Македонија и Силви Афхолдер (Sylvie Affholder), секретар на Мониторинг Комисијата на ПССЕ.
Главни теми на дискусија беа имплементација на Спогодбата од јуни 2015 година во Скопје, особено изборните реформи и законите за медиуми, последните случувања во областа на човековите права, владеењето на правото и демократијата, продолжување на имплементацијата на Резолуцијата 1949 (2013) за Пост-мониторинг дијалогот со Република Македонија, и напредокот во однос на соработката со Советот на Европа, по Препораката 2022 (2013).
Посебен акцент на средбата и сфера на интерес на известителите на мониторинг мисијата беше создавањето на фер и демократски избори согласно со договорот од Пржино, како и улогата на министерот за труд и социјална политика во Владата на Републиика Македонија. При тоа тие се интересираа колку се исполнети обврските од договорот за фер и демократски избори, за фер шанса во медиумскиот простор и за процесот на прочистување на избирачкиот список.
Ташевска-Ременски ги информираше известителите за клучните активности кои се спроведени во изминатиов период, како во однос на тековното работење на Министерството и институциите под негова надлежност, така и во однос на соработката со нив. Потенцираше дека се преземаат конкретни мерки за откочување на претходно закочени процеси во Министерството и отстранување на сите можни извори на злоупотреби на институциите во цели кои не соодветствуваат со потребите на процесот. Информираше дека таа и нејзиниот тим се посветени на работата согласно со Закон и работа исклучиво во функција на приближување на услугите. Министерката информираше дека донесувањето на подзаконските акти за заштита на личните податоци како законска обврска која постоела, но не била исполнета е уште еден показател дека заштитата на правата на граѓаните е обврска, а не волја и право на избор.
Известителите на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите членки на Советот на Европа (мониторинг комисија) се интересираа за придобивките од влегувањето на министрите од редовите на СДСМ во Владата во овој важен период за Република Македонија.
Министерката Ташевска-Ременски потенцираше дека покрај бројните пречки и предизвици со кои се соочуваа секојдневно и бројните дезинформации кои ги шират провладните медиуми е целосно посветена на обезбедување ефикасно и непречено функционирање на министерството во делот на исполнување на обврските кон граѓаните и соработка со сите релевантни институции задолжени за обезбедување на услови за фер, кредибилни, демократски избори во Република Македонија.