Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска информираше дека Министерството за образование и наука ќе организира државен натпревар за избор на најдобра веб страна за основните и средните училишта за учебната 2015/2016 година. Ристовски упати апел сите ученици да учествуваат на натпреварот, потенцирајќи дека квалитетот, оригиналноста на дизајнот и функционалноста на изработените страници, ќе бидат пресудни за победа. Веб страната треба да ја изработат редовни ученици кои ќе бидат предводени од најмалку еден наставник од училиштето, при што не смее да се користи готов урнек.
„Зголемувањето на креативниот и иновативен потенцијал на учениците преку примена на компјутери, компјутерски алатки и програми е една од приоритетните заложби на Министерството. Во таа насока, минатата година го воведовме државниот избор на најдобра училишна веб страница, мерка која е одлична можност за филтрација на најдобрите и најкреативни ученици од сите училишта, но и добар стимул за помалку креативните и за развој на натпреварувачкиот дух“, рече Ристовски.
Јавниот повик за избор на „Најдобра веб страна“ на основните и средните училишта за учебната 2015/2016 година, е објавен на страницата на Министерството за образование и наука и е наменет за сите основни и средни училишта во земјата. Пријавувањето за учество е до 31 мај 2016 година. Селекцијата и рангирањето во двете категории ќе ги спроведе Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието и Министерството за информатичко општество и администрација.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавата за отворање на математичка гимназија, Ристовски рече дека основната идеја е да се формира училиште од национален интерес и тоа да почне да функционира на почеток на 2018 година.
„Планот е најпрво да се започне со формирање на една паралелка, која што ќе има исклучително високи критериуми за прием. Ќе станува збор за ограничен број на места, што нема да надминува повеќе од 20 ученици годишно, најталентираните по математика и со нив ќе работи постојан кадар наставници по математика, физика, хемија, психологија и логика“, додаде Ристовски.