По повод 22-ри февруари, Светскиот ден на извидниците или попознат во светот како ден на скаутизмот, извидниците од Извидничкиот одред ПИОНЕР од Охрид спроведоа активност на подарување на книги, сликовници и играчки во Педијатриското одделение при општата болница во Охрид.
„Со тоа во доменот на своите можности, извидниците дадоа пример за хуманост и го поддржаа мотото НАПРАВИ ДОБРО ДЕЛО, кое што во целиот свет придонесува за развивање на свеста кај децата и младите кон хуманоста.“- велат од ИО Пионер Охрид.
Имено самиот датум 22-ри февруари е всушност ден кога во 1857 година е роден основоположникот на извидничкото движење, Британскиот генерал Роберт Баден Пауел, кој што во 1907-та година ја формирал првата скаутска дружина, во која на децата им ги пренесувал своите стекнати животни искуства.
Од тогаш до ден денес во светот има повеќе од 40 милиони извидници во скоро сите земји кои активно работат во сферата на неформалното образование помагајќи им на децата и младите да станат личности горди на себе и корисни за општеството покажувајќи ги при тоа хуманите вредности на секое поле од животот.