Акциски контроли на СВР во Охрид и Струга

Повеќе акциски контроли реализира викендов Секторот за внатрешни работи во угостителски објекти во Охрид и Струга. Во дваесеттина кафе барови и ноќни клубови беа извршени контроли согласно законот за прекршоци против јавниот ред и мир, законот за заштита од пушење, законот за угостителска дејност, законот за туристичка дејност како и по други законски основи од кривичниот законик.

Акцент беше ставен на присуство на малолетни лица во угостителски објекти по 24 часот и точење алкохол на малолетни лица. Контролите во Охрид и Струга, Секторот за внатрешни работи ги реализира самостојно, но и во координација со Управата за јавни приходи и со Државната пазарна инспекција.

Во еден угостителски објект на улицата „Јане Сандански“ во Охрид затекнат е малолетник кој конзумирал алкохолен пијалок. По овластување на Јавниот обвинител, шишето со пијалок е фотографирано и подигнато за вештачење на течноста во него.

Во угостителски објект на улиците „Димитар Влахов“ во Охрид и .„Пабло Неруда“ во Струга, констатирани се прекршоци односно овозможување присуство на малолетни лица во угостителски објект после 24,00 часот. Во неколку други угостителски објекти регистрирани се прекршоци по законот за заштита од пушењето. Против угостителските објекти каде се сторени прекршоците, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Акциските контроли имаа за цел подигнување на безбедноста и доследно почитување на законските одредби.