Лиценците ќе ги сопрат „дивите“ монтажери на лифтови и нелојалната конкуренција

Денес во Стопанската комора на Македонија се одржа состанок на Групацијата за лифтови, на која се расправаше за тековните состојби и проблеми во дејноста на монтирање и сервисирање на лифтови согласно законската регулатива и надлежностите на институциите. На состанокот освен членовите на Групацијата за лифтови, присуствуваа и претставници од Министерството за економија – Сектор за внатрешен пазар, Државниот инспекторат за техничка инспекција, Државниот пазарен инспекторат и инвеститори.

Претседателот на Групацијата Димче Поповски истакна дека состанокот се одржува на барање на Министерството за економија – Сектор за внатрешен пазар, за да се отстранат некои недоразбирања кои произлегуваат од Правилникот за користење на лифтови и транспортери.

Расправајќи по однос на Правилникот, присутните констатираа дека областа пуштање во промет, монтирање, сервисирање и одржувањето на лифтовите е регулирана со повеќе закони и подзаконски акти, но сепак во земјата има присуство на нецелосно имплементирање на правните акти, на нелојална и нестручна конкуренција која се јавува со работењето на „диви“ монтажери на лифтови.

Во расправата беше истакнато дека контрола на исправноста на лифтовите имаат Државната техничка инспекција, Државната пазарна инспекција, како и Царинската управа за увоз на делови за лифтови.

Притоа, беше побарано во наредниот период да се зголеми контролата од страна на Државната пазарна инспекција, Државната техничка инспекција, Царинската управа и други инспекции кон овластените тела за оценка на сообразноста за безбедност на производот, сервисерите, монтажерите и увозниците на лифтови и делови за лифтови во функција на зголемување на безбедноста на лифтовите.

Присутните потенцираа дека во наредниот период во функција на зголемување на безбедноста на лифтовите потребна е континуирана едукација на потрошувачите за зголемување на свеста за значењето на безбедно функционирање и користење на лифтовите.

Присутните на состанокот истакнаа дека поради недопрецизирани обврски и права на монтажерите и сервисерите во Правилникот, бидејќи во него не е регулирано издавањето на лиценци за монтажери и сервисери за одржувањето на лифтови, потребно е подготвување на Закон за лифтови или измени и дополнување на Законот за техничка инспекција за дефинирање на издавањето на лиценци.

Војкан Николовски