Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „тешка кражба“ и „одземање на моторно возило“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против А.П. (24) од Либражд – Република Албанија.
На 27ми јануари оваа година, пријавениот, со уште едно лице од Албанија, во близина на граничниот премин „Ќафасан“ илегално ја преминале државната граница и во населба Теферич од еден автосервис одзеле патничко моторно возило марка „БМВ- 320Д“, кое незаклучено и со клучевите на брава било оставено на поправка. Двајцата, со возилото се упатиле во селото Велешта каде, А.П. повторно влегол во авто сервис и извршил тешка кражба. Тој со подесен предмет го скршил прозорот, влегол во сервисот по што извршил пребарување, а потоа и одземање на алати и воздушни филтри во вкупна вредност од 120.000,оо денари. По извршените казнени дела и со одземените предмети, пријавениот и неговиот пријател се упатиле кон граничниот премин „Ќафасан“. Одземеното возило го оставиле во близина на граничниот премин и повторно илегално ја преминале државната граница.
По извршени консултации со Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Струга, на пријавениот изречена му е мерка забрана за влез во Република Македонија во траење од три години.
Пријавениот А.П. е лице познат на службата како сторител на повеќе слични казнени дела на подрачјето на Струга.