Одбележана 108 годишнината од смртта на Марко Бошнаков

Делегација на општина Охрид денес положи свежо цвеќе пред спомен плочата на Марко Бошнаков, пред неговата родна куќа, по повод 108 годишнината од неговата смрт.

Пред присутните охриѓани за животот и делото на Бошњаков пригоден говор одржа претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации, Дејан Пановски.

„Историски час“ одржа Славица Јанкоска- Раководител на Државниот архив на Република Македонија, подрачно одделние Охрид.

Марко Бошнаков е роден во Охрид во 1874-та година. Основното образование го стекнал во родниот град, а како средношколец учел во Солунската Гимназија. Бил сведок на создавањето на македонскиот револуционерен комитет во Солун со што, всушност се означил почетокот на македонската револуционерна борба (1893 година). Се вклучил во Движењето на Гемиџиите (Солунските атентатори) издавајќи им ја и својата бакалница во Солун.

Марко Бошнаков во својот претсмртен час на неговите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“.

Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошнаков така што ја отсекле главата од безживотното тело на Бошнаков и ја донеле во неговиот роден град.

Спомен-плочата во чест на Марко Бошнаков во Охрид беше откриена во 1994 година пред неговата родна куќа, а во источниот двор на црквата „Свети Константин и Елена“ во заедничка гробница се наоѓа и пресечената глава на гемиџијата.

Пред неколку години, младиот охридски скулптор, тогашен матурант Стефан Нестороски, ја изваја бистата на гемиџијата Бошнаков, која е поставена во дворот на неговата куќа.