Груевски: Само во месец јануари странските инвеститори вработиле 400 лица

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање потенцираше дека само во месец јануари странските инвеститори во Македонија вработиле 400 лица.

„Во странските инвестиции имам податок за месец јануари дека се вработени 400 лица. Значи 400 нови вработувања има само за месец јануари, што е одличен почеток. Оваа година ќе се вработува и од оние инвеститори кои веќе инвестираа во минатата или претходните години, но и од новите инвеститори кои сега ги градат своите капацитети или, пак, сега ги почнуваат своите инвестиции. Минатата година се вработија 6700 луѓе во компаниите кои се странски инвестиции. Тоа се 6700 семејства коишто претходно немаа вработување, сега добија вработување. Само во јануари се вработија оваа година 400 лица. Тоа се 400 семејства кои добија човек кој дома им носи средства заработени со кои може да преживеат и да имаат свои планови и своја иднина. Се надевам дека оваа година имајќи го предвид налетот на странски инвестиции којшто го направивме благодарејќи на новите политики што владата ги воведе, ќе имаме уште поголем број на вработувања во компаниите со странски инвестиции затоа што доаѓаат доста нови инвеститори и затоа што старите инвеститори се задоволни и ги прошируваат своите капацитети. Некои што имале тригодишни планови сега ги дополнуваат своите капацитети согласно нивниот претходен план. Работите на овој план одат добро, невработеноста се намалува и ние ќе продолжиме по оваа патека уште посилно да создаваме добри услови за правење бизнис што, пак, ги привлекува компаниите не само од Македонија и регионот, туку од целиот свет да доаѓаат и токму тука да го реализираат својот бизнис, а со тоа да ни овозможат повеќе работни места за нашите луѓе кои не се вработени“, истакна Груевски.