Јолевски: Потребна е сеопфатна стратегија на европските земји за решавање на оваа сериозна бегалска криза

„Потребна е заедничка стратегија, а во решението требат да бидат вклучени сите европски земји и Турција. Очигледно се работи за мошне голема мигрантска криза, односно проблем кој е најголем за Европа по Втората Светска Војна“. Тоа го истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски кој денеска беше во посета на припадниците на АРМ на јужната граница, нивните услови за сместување и функционирање.

Министерот Јолевски истакна дека со зголемување на мигрантите од другата страна на границата, кои се околу 13.000 на самата граница, врховниот командант донел одлука за зголемување и на бројот на припадници на Армијата стационирани во областа на Гевгелија.

Воедно, во однос на пропуштањето на бегалците, министерот посочи дека границата е отворена, но дека бројот на бегалци кои влегуваат во Македонија зависи од бројот на бегалци кои ќе бидат примени во земјите на север, односно, Србија, Хрватска, Словенија.

Зборувајќи за идното присуство на Армијата, министерот Јолевски додаде дека МВР и АРМ се во постојана координација и дека постојано се вршат заеднички процени, по што и се утврдува бројот на припадници на Армијата кои ќе бидат стационирани на границата.