Утре (7-ми март) во Поградец, Албанија, ќе се одржи состанок на Прекуграничната платформа за заштита на регионот на Охридско Езеро, во рамките на УНЕСКО проектот за интегрална заштита на културното и природното богатство на регионот околу Охридското Езеро.
Целта на прекуграничната платформа е да ја интензивира соработката на прекугранично ниво меѓу Македонија и Албанија на различни нивоа т.е. помеѓу централните, локалните власти и секторите за туризам, урбано планирање, култура и животна средина.
Целта на конкретниот состанок е да се идентификуваат сите можности за мониторинг врз животната средина и биодиверзитетот со што би се придонело во заштитата и управувањето на Светското наследство на Охридскиот регион. Исто така, тема на работниот состанок е идентификацијата на постојни иницијативи за промовирање на одржлив развој на регионот. На состанокот ќе бидат презентирани и стратегии за развој на туризам меѓу кои и работата на стратегијата за развој на туризмот на Општината Охрид.
„Визијата за развој на Охридскиот регион е врзана со уникатните вредности на регионот и нивно искористување во контекст на одржливиот развој, промоцијата и привлекување на туристичкиот интерес. Уникатните вредности на природни реткости и пејзажи, заштитените подрачја во регионот и богатото културно наследство преставуваат слика и препознатливост на регионот која треба да биде насока на управување и на централно и на локално ниво“. – изјави Дејан Пановски, македонскиот претставник од Билатералниот секретаријат за сливот на Охридското Езеро.
Целосни информации за Апстрим Проектот може да се најдат на официјалната страна: http://whc.unesco.org/en/lake-ohrid-region/