ДИК: Граѓаните можат да пријават сомнителни податоци во избирачкиот список

Им овозможуваме на сите граѓани до подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија и преку апликацијата објавена на веб-страницата на Државната изборна комисија да пријават сомнителни податоци во избирачкиот список, кои по службена должност ќе бидат проверени во службените евиденции на надлежните институции, велат од ДИК.

„Врз основа на спроведените постапки и донесените акти од страна на надлежните институции, Државната изборна комисија во најкраток можен рок ќе изврши запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список во согласност со усвоениот правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во избирачкиот список“, се вели во соопштението од ДИК.

Од комисијата соопштуваат дека избирачкиот список кој е објавен на апликацијата на веб-страницата на ДИК е резултат на методолошки обработените податоци добиени од службените евиденции на МВР, Управата за водење на матични книги и на основните судови, за државјаните на Република Македонија кои ги исполнуваат законските услови да стекнат избирачко право заклучно со 1 декември 2015 година.

Од ДИК истакнуваат дека адресните податоци на граѓаните во избирачкиот список се запишани како што се водат во евиденцијата за живеалиште на МВР.

Од комисијата истакнуваат дека секој граѓанин има право да поднесе барање со соодветна документација до Државната изборна комисија да не биде објавена неговата адреса од безбедносни причини. Барањата може да се поднесат до Државната изборна комисија на spadresi@sec.mk или до подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија.

Извор:meta.mk