Средба Јолевски – Каве: НАТО и ЕУ се приоритет за Македонија

Членството во НАТО-алијансата е приоритет за Република Македонија за што сме и целосно подготвени, рече министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на денешната средба во Министерството со генерал-мајор Иан Каве, заменик командант за планирање во Здружената команда на сојузничките сили во Неапол.

Министерот Јолевски додаде дека реформскиот процес во Армијата тече во континуитет.

Започнавме со процес на модернизација кој е исклучително важен. Тоа што е битно е дека работевме напорно на дефинирање на приоритетите кои се важни за одржување на способностите на Армијата, но и на интеропративноста со земјите-членки на Алијансата“, рече министерот. Воедно, тој додаде дека посветуваме големи внимание на развојот на идните офицери, факт кој се гледа и преку развојот на Воената академија, воведувањето на еден семестар на англиски јазик и можноста за размена на питомци со респектабилни воени универзитети во земјите-членки на Алијансата.

Во однос на поддршката кон воспоставување на глобалниот мир и безбедност, министерот Јолевски истакна дека Армијата на Република Македонија продолжува со значајниот придонес во мисијата во Авганистан, „Одлучна поддршка“, исто како и со мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, мисијата УНИФИЛ во Либан и логистичката поддршка кон КФОР на Косово.

„Ги разгледуваме можностите за идно зголемено учество во мисиите на Обединетите Нации, согласно потребите и нашите капацитети“, додаде министерот.

На средбата соговорниците разговараа и за мигрантската криза која го зафати континентот при што заклучија дека е потребна една сеопфатна стратегија која ќе ги опфаќа европските земји, Турција и Сирија. Во тој контекст, министерот посочи дека припадниците на Армијата се присутни на јужната граница во поддршка на единиците на Полицијата, со цел обезбедување хуман третман на мигрантите, но и обезбедување на тој дел од земјата и оневозможување на илегалното преминување на границата.

DSC_5023_resize_cr