Пленарна седница на Европарламентот

Европскиот парламент од 7 до 10 март одржува пленарна седница во Стразбур, во рамките на која ќе се најдат и Извештаите за напредокот за 2015 година на Република Македонија и на Црна Гора на патот кон членство во Европската унија.

Европратениците ќе дебатираат за реформските напори на овие две земји заедно со комесарот за проширување, Јоханес Хан, при што се очекува да се поздрави постигнатиот напредок и да се поттикнат истите да ги имплементираат соодветните стратегии и договори во целост, како и да го продолжат процесот на реформи.

Во текот на денешниот ден ќе се гласа по Нацрт-резолуцијата во која се повикува на родово сензитивни мерки за да се осигури безбедноста на жените кои бараат азил и често патуваат со мали деца и други издржувани лица.

Непосредно пред гласањето, свое обраќање на седницата ќе има високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.

Денеска ќе се гласа и по новиот Нацрт-закон за поздрави навики во исхраната во рамките на училиштата низ ЕУ, со оглед на фактот што повеќе од 20 милиони деца во ЕУ се со прекумерна тежина, а адолесцентите во просек јадат само 30% до 50% од препорачаната дневна доза на овошје и зеленчук.

Исто така, Европарламентот ќе гласа и за Предлог-законот за итни мерки за спречување на епидемиите на болести кај животните, кои можат да имаат големо влијание врз здравјето на луѓето и штета за земјоделското производство.

Утре европратениците ќе разговараат за исходот од вчерашниот вонреден Самит ЕУ-Турција во врска со решавањето на итните хуманитарни потреби на мигрантите и бегалците заглавени во Грција и Турција, спроведувањето на Акциониот план на ЕУ-Турција и помош околу нормалното функционирање на Шенгенот, а ќе ги искажат и своите очекувања за претстојниот пролетен состанок на Советот на 17-18 март.

Исто така, ќе стане збор и за борбата против нелегалната трговија со цигари и фалсификувањето во тутунската индустрија, како и за поставување на минимални стандарди за заштита на правото на децата (под 18 години) на фер судење.

Истиот ден ќе се гласа и по Нацрт-резолуцијата за буџетските приоритети за 2017 година, со акцент на справувањето со миграцијата и бегалската криза, а во исто време да се забрза и бавното заздравување на економијата во ЕУ, преку зголемување и подобрување на инвестициите.

В четврток, пак, членовите на европскиот законодавен дом ќе гласаат во врска со предложените промени на Законот на ЕУ за ветеринарни лекови, со цел забрана на колективните и превентивни антибиотици за третман на животните, како и стимулирање на истражувањето на нови лекови.

На завршниот ден од седницата, Европарламентот ќе одржи итни дебати за човековите права и демократијата, особено за слободата на изразување во Казахстан, Египет и Демократска Република Конго.