Здружението „Нефрон“ организира едукативно предавање по повод Светскиот ден на бубрезите

Здружението на бубрежно болни граѓани „НЕФРОН“ по повод Светскиот ден на бубрезите 10 март, утре (четврток) во 10:00 часот ќе организира едукативно предавање наменето за учениците од прва и втора година во ОСУ „Св.Климент Охридски“ (Гимназија), а во реализација на д-р Горан Балески, специјалист уролог. Целта е младите да се запознаат со функцијата која ја извршуваат бубрезите во организмот, факторите кои влијаат врз нарушување на нивната правилна функција и превенирање на дисфункционалноста.

Своја поддршка во одбележувањето на Светскиот ден на бубрезите ќе дадат и учениците од Гимназија кои истиот ден во 13:00 часот во спортскиот центар „Климент Колески“ ќе одиграат ревијален фудбалски натпревар.

Бубрезите, исто како срцето и белите дробови, се еден од најважните органи од човечкото тело. Кај здрав човек постојат два бубрега. По својата форма, бубрезите потсетуваат на зрно од грав. Сместени се во задниот дел од стомачната празнина од обете страни од р’бетникот.

Примарната функција на бубрезите е: создавање на урина и прочистување на крвта. Бубрезите го острануваат вишокот материи, сол и вишокот вода од телото.

Бубрезите ја прочистуваат крвта преку остранување на вишокот на материи произведени преку нормалните функции на телото. Со тоа се остранува се што не му е потребно на телото.

Бубрезите го ослободуваат телото од отпадните материи од процесот на варење на храната и други хемиски реакции кои се случуваат во нашето тело.

Бубрезите овозможуваат рамнотежа на течностите преку остранување на количеството на вода во нашето тело и го одржуваат потребното количество на вода во телото. Според тоа, бубрезите ја одржуваат вистинската количина на течности во телото.

Покрај водата, бубрезите ги регулираат и минералите и другите соединенија, одржувајќи нормална содржина на телесните течности. Оваа функција е многу важна за овозможување на телото да работи соодветно и да бидеме здрави.