Започнува пролетната полусезона во Супер лига ракомет

Во недела со почеток во 18 часот во спортската сала „Билјанини извори“ охридските ракометари ќе ги измерат своите сили со ракометниот клуб „Борец“ од Велес. Од клубот информираа дека ракометниот клуб е подготвен за претстојната полусезона и се надеваат на исполнување на зацртана цел.

„После двомесечно макотрпно тренирање дојде денот и ние да се подготвуваме за меч со натпреварувачки карактер. Зимските подготовки поминаа според планот. Најважно е што никој од играчите не се повреди и стопроценти здрави ќе го дочекаме стартот на пролетната полусезона во Супер лигата. Одигравме два контролни натпревари со „Пелистер“ и „Едеса“ во кој забележавме две победи. Одлично одиграниот есенски дел од Супер лигата во кој обезбедивме пласман во плејфот ќе ни овозможи релативно лесни четири мечеви до крајот на регуларниот дел. Сепак, ние на секој меч како и до сега ќе одиме на победа бидејќи само така ќе ја одржиме одличната атмосфера во екипата. “- рече охридскиот стратег Горан Андоновски.

Двата клуба своите сили претходно ги измерија во есенската полусезона каде што РК „Охрид 2013“ го совлада велешкиот клуб со резултат 25 – 21. Сепак, РК „Борец“ не е клуб за потценување бидејќи успеа да ги надигра екипите на „Вардар Јуниор“ и „Прилеп“ што зборува за потенцијалот на овај клуб.

„Екипата на „Борец“ не е за потценување иако се наоѓа во долниот дел од табелата во Супер лигата. Тие изненадија неколку фаворити во есенската полусезона и затоа ќе мора да одиграме најдобро што знаеме, за со победа да го отвориме пролетниот дел од шампионатот. “- додаде охридскиот стратег.

Охридската екипа го замена досегашниот капитен, Кирил Пецаков, кој поради повреда на коленото не е во ростерот. Новиот капитен е искусниот голман Кирил Колев кој во име на екипата рече:

„Успешно ги завршивме зимските подготовки што се основна база за добар резултат во пролетниот дел од Супер лигата. Според двата контролни натпревари кои ги одигравме екипата е подготвена и желна за натпревари, што е многу олеснителна околност за тренерот. Четирите преостанати натпревари од регуларниот дел ќе ни послужат за финална подготовка за Купот на Македонија, а потоа она главното разигрувањето за титулата. Во името на сите играчи давам збор дека историскиот успех во охридскиот ракомет ќе пробаме да го крунисаме со пласман на местата кои водат во Европа. Сакам да апелирам до сите охриѓани и „Рибари“ в недела во 18 часот да дојдат на трибините и да не бодрат, а ние да им возвратиме со добра игра и победа, се разбира“. – рече капитенов Колев.

Од управата на клубот информираа дека за претстојните „ПЛЕЈ ОФФ“ натпревари во продажба ќе бидат пуштени блок билети по цена од 300 денари, а ќе важат за петте натпревари кои ќе се играат на домашен терен.

Бројот на блок билети ќе биде ограничен, а веќе имаме побарувачка од нашите соседни градови. Ние како клуб мора да напомениме дека цената на билетот на билетарата пред натпреварот ќе биде поскап од вообичаеното. Управата на клубот на ваков популарен потег се одлучи бидејќи во Охрид ќе дојдат екипи од рангот на „Вардар“, „Металург“ и „Макс Струмица“ кои го преставуваат ракометот надвор од границите на Македонија. – рече Ѓоко Апосоловски спортски директор во ракометниот клуб Охрид.

Блок билетите во продажба ќе бидат пуштени од 14 март, а ќе можат да се најдат на билетарата од спортската сала „Билјанини извори“. Покрај екипата на РК „Охрид 2013“ во „Плеј Офф“ натпреварите ќе учествуваат и екипите на РК „Вардар“ , „Металург“ , „Макс Струмица“ , „Прилеп“ и најверојатно „Работнички“.

Цената на билетите за преостанатите два натпревари од регуларниот дел на Супер лигата останува непроменета, односно 30 денари.