Средба на претседателот Иванов со министерот за култура на Црна Гора, Павле Горановиќ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за култура на Црна Гора, Павле Горановиќ, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Црна Гора, со фокус на соработката на кулурен план.

Двајцата соговорници констатираа традиционално добра соработка во областа на културата и го поздравија денешното потпишување на Програмата за културна соработка меѓу министерствата за култура од двете земји.

На средбата со министерот Горановиќ, претседателот Иванов изрази поддршка на сите активности и иницијативи насочени кон воспоставување културна размена и дијалог, како и натамошно зајакнување на соработката на културен план меѓу двете земји, преку поттикнување на уметничка размена, промоција на театарската, музичко-сценската дејност, негување на културните вредности на македонската заедница во Црна Гора и на црногорската заедница во Република Македонија.