Со презентација во средното училиште „Мирче Ацев“ во Прилеп, која се одржа на 10 февруари, Царинската управа успешно го заокружи вториот циклус на презентации за борба против нарко трговијата во средните училишта во Република Македонија.
Царинската управа како општествeно одговорна институција, во континуитет презема активности за зголемување на степенот на запознавање на младата популација со штетните последици, како од конзумирање така и од криумчарење на дрога. Со таква цел, во февруари 2014 година започнавме со презентации во средните училиште за борба против нарко трговијата под слоганот „Остани чист – не биди муле!“, со која превентивно и едукативно се делува врз средношколците низ државата. Во склоп на кампањата, посетени се десет средни училишта и тоа во Скопје, Штип, Куманово, Тетово, Гевгелија, Прилеп и Битола. На презентациите кои ги одржуваат стручни лица од Царинската управа, присуствуваат по неколку ученици од повеќе одделенија и генерации каде преку теоретски и практичен дел имаа можност да видат колкава е улогата на Царинската управа во борбата против шверецот на дрога.
Досегашните впечатоците се дека оваа кампања наиде на голема заинтересираност и поддршка од страна на младата популација со што уште еднаш ја докажа оправданоста и ни дава мотив за евентуално продолжување на истата во иднина во останатите училишта кои досега не се опфатени, со цел запознавање на што поголем број ученици.