Нова лабораторија за рано откривање одредени аномалии кај плодот

На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје отворена е нова Лабораторија за биохемиска пренатална дијагностика што ќе помогне за рано откривање одредени аномалии кај плодот, како и за правање на сите потребни анализи во текот на целата бременост.

Инвестирани се околу девет милиони денари, односно околу 150 илјади евра. Тоа е четврта таква инвестиција од вкупно 52 милиони денари во лаборатории набавени преку Министерството за здравство за оваа клиника.

Лабораторијата денеска ја посетија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со замениците министри за образование и наука Спиро Ристовски и за здравство Јовица Андовски.

Груевски оцени дека лабораторијата е исклучително важна за Гинеколошката клиника затоа што има можности со кои овозможува откривање на Даунов сидром кај плодот во многу рана фаза во прв, втор или трет месец на бременост.

„Задоволство е што за првпат во Македонија се набави една ваква лабораторија која што очигледно недостастуваше, која веќе е во полна функција и во иднина ќе реши многу проблеми. Таа претставува една новина, но и една дополнителна вредност на оваа клиника и воопшто на македонското здравство“, рече Груевски.