Запленети марихуана, масло од канабис, техничка стока, цигари, хемиски препарати и фалсификати

Минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани марихуана, масло од канабис, апарат за отстранување тетоважи, 3Д расветни тела, електромотори и сигнални сијалици за лизгачки врати, USB-кабли, облека, обувки, ташни, завеси, делови за возила, рачки за врати, инсектициди, хербициди, семиња, цигари и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Марихуана и масло од канабис

– 60 ml масло од канабис, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на пратка од Белгија наменета за македонски државјанин. Поштенската пратка била отворена во присуство на примачот, при што било пронајдено едно кутивче со натпис TARDYFERON од 80мг, во кое биле сместени две шишенца од по 30 ml, со етикети каде било наведено дека се работи за CBD OIL од произведувачот ROYAL QUEEN SEED. Според изјавата на примачот се работело за лек за карцином, што го нарачал од негов роднина од Белгија. По извршено вештачење од страна на Одделот за криминалистичка техника при МВР, потврдено е дека течноста содржи канабиноиди – психоактивни супстанци кои влегуваат во состав на растението Cannabis.

– 7 грама марихуана, откриени при контрола на германски автомобил, управуван од германски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Во приборот за прва помош, сместен во просторот за резервна гума на возилото, пронајдена е мала кесичка со непозната растителна материја со зелена боја, за која со помош на тестер за дрога било утврдено дека се работи за марихуана. Одделот за криминалистичка техника при МВР потврди дека станува збор за марихуана, со вкупна маса од 7 грама. Против возачот е поднесена кривична пријава.

Техничка стока

– 1 мобилен ласер-апарат за отстранување на тетоважи MED 810, откриен при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Апаратот, за кој возачот изјавил дека се користи за прочистување вода, бил пронајден на задното седиште на возилото, покриен со платнена навлака и облека. Истиот е привремено задржан, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 3 LEDрасветни тела за дискотека-лајтшоуи 87 USB кабли, откриени во два одвоени случаи на царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на две брзи пратки.

Во првиот случај, при контрола на пратка од Кина, наменета за фирма од Прилеп, откриени се 3 LEDрасветни тела за дискотека-лајтшоу, што не биле опфатени со царинските документи.

Во вториот случај, при контрола на пратка од Тајван, наменета за увозник од Косово, откриени се 87 USB кабли со должина од по 1 метар, што не биле опфатени со царинските документи.

Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против увозниците ќе бидат поведени соодветни постапки.

– 3 електромотори и 3 сигнални сијалички за лизгачки врати, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени на задното седиште и позади предните седишта, се привремено задржани, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

Облека, обувки, завеси и модни додатоци

– 412 пара детски хеланки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Свети Николе – Велес пред влезот во Велес. Непријавените производи, за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во две вреќи сместени во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 49 женски ташни, откриени при контрола на словенечки автобус, што сообраќа на редовна линија Копер – Дебар, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените ташни, сопственост на возачот, македонски државјанин, се пронајдени во багажникот на автобусот. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 16 пара обувки, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените обувки, пронајдени на горниот кревет во кабината на камионот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 165 завеси, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените завеси, пронајдени на задното седиште и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Цигари

– 27 штеки цигари марка DavidoffGold, DavidoffShape и DavidoffGoldSlims, со косовски акцизни маркички, откриени при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените цигари се пронајдени во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 19 штеки цигари BONDSTREET blue selection со македонски акцизни маркички, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Лондон. Непријавените цигари биле сокриени помеѓу личните работи на патникот. Цигарите се привремено задржани, а против патникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 18.040 четки за заби и 1.600 средства за чистење со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола македонски камион, натоварен со средства за хигиена со потекло од Турција, наменети за увозник од Косово, пријавен за излез од државата на граничниот премин Блаце.

– 3 рачни часовници и 1 мобилен телефон со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на 3 пратки, од кои две од Холандија и 1 од Сингапур, наменети за физички лица од Скопје и Радовиш.

Во сите случаи производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи ќе започнати се постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Делови за возила и рачки за врати

– 100 рачки за врата, 1 хидраулична пумпа за товарно возило и 1 командна табла за хидраулика за товарно возило,откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус, управуван од македонски државјанин, извршена во близина на автобуската станица кај Струга. Непријавените производи се пронајдени во 2 кеси сместени меѓу предните седишта на автобусот и во картонска кутија, сместена во багажникот на автобусот. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 18 резервни делови за патнички и товарни возила (зглобови, брави, карики, филтри за масло, лагери, пиксни и болцни), откриени при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Делчево. Непријавените делови, пронајдени под седиштата и во фабрички прегради на комбето, се привремено задржани, а против возачот е изготвен записник за царински прекршок.

Хемиски препарати и семе

– 25 кг инсектицид во гранули, типGALITIONextra (25 пакувања), откриени при контрола на меѓународен патнички воз, што сообраќал на релација Белград – Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Железничка станица Табановце. Непријавениот инсектицид, чиј сопственик е непознат, е пронајден во повеќе кеси, сокриени под седиштата на неколку купеа на возот.

– 7,5 литри хербицид Syngenta Fusilade Forte 15 EC (30 пакувања), 276 грама инсектицид Syngenta Actara 25 WG (69 пакувања), 20 грама семе за лубеници и 20 грама семе за краставици, откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Јажинце се пријавиле двајца сопружници, македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во ташната на сопатничката во возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.