Презентирана програмата за „Дојран – град на културата за 2016“

Со концерт на Каролина Гочева, Даниел Кајмаковски и ДНК в сабота, на плоштадот „Под јаворите“ во Нов Дојран, ќе биде отворена манифестацијата „Дојран – град на културата за 2016 година“. За најмладите ќе настапат учесниците на детскиот фестивал „Калинка“ и студиото за модерен балет од Богданци. Се подготвува и огномет.

На денешната прес-конференција програмата ја презентираа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов.

„Оваа година, Дојран во рамки на манифестацијата „Град на културата“ ќе понуди широк спектар на квалитетни и разновидни културни содржини од сите дејности, проекти кои ќе ги промовираат врвните културни вредности кај младата популација, но и сите останати генерации, активности кои ќе го афирмираат домашното творештво, домашните автори, репродуктивните уметници и ансамблите“, рече Канческа-Милевска.

Според неа, оваа манифестација, која веќе 13 години со поддршка на Министерството за култура се случува во градовите во нашата држава има огромни придобивки за збогатувањето на културната понуда во самата општина.

Министерката за култура рече дека Дојран има огромни туристички потенцијали. Потсети дека во областа на културата се обнови летната сцена на локацијата Златен брег, а се отвори и галериски простор во Дојран, кој ќе се стави во функција на оваа манифестација.

„Во изминатиот период Министерството за култура поддржа низа активности кои се реализираа во Дојран во рамки на проектите „Топлол културен бран“ и „Културно лето“. Настојуваме да се случуваат што повеќе културни настани со цел промоција на овој значаен наш туристички центар“, рече Канческа-Милевска.

Годинава ќе се овозможи целосна обнова и конзервација на црквата „Св. Пророк Илија“ од 19 век, која е своевиден симбол на градот Дојран. Оваа година кога се одбележуваат 100 години од уништувањето на црквата во Првата светска војна, за целосната обнова на црквата „Св. Илија “ во Дојран, Министерството за култура издвои околу 4 милиони денари.

„Уверена сум дека сите овие проекти и активности и низата културни настани кои ќе бидат дел од програмата на манифестацијата „Дојран, град на културата за 2016 година“ ќе овозможат една вистинска туристичка и културна преродба на оваа наша општина, која верувам дека ќе биде провокација да ја посетат не само граѓаните од државата, туку и за посетителите од регионот и пошироко“, рече Канческа-Милевска.

На програмата подетално се осврна градоначалникот Стамов, кој претстави повеќе од 100 програмски содржини. Во април ќе се одбележи Денот на шегата со маскенбал, во мај ќе има изложбен викенд на уметнички слики и скулптури во рамки на Дојранската ликовна колонија, а во јуни ќе се одржи Дојран-гурман фест.

Тој ги издвои концертите на популарните изведувачи и реномирани состави како Љубојна, Летечки пекинезери, Сашо Гигов-Гиш, Слаткаристика, Тамара Тодевска, Дарко Илиевски, Даниел Камајкоски, ДНК, Ефто Пупиновски, Сузана Спасовска, Александар Тарабунов… Ќе се одржи „Д фестивалот“, ќе има изложби на македонските ликовни автори, како Сотир Хаџи-Николов, Александар Јанев, претстави на Театарот за деца и младинци и Театарот Комедија. Ќе се реализира фолклорен викенд на фолклорните друштва од целиот југоисточен регион и Фестивал на боите.

Уметниците Каролина Гочева и Панчо од ДНК изразија задоволство што годинава ќе настапат на манифестацијата и ги поканија сите да дојдат и да ги слушаат.