Десет нови наслови од проектот за „Превод на стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“ беа промовирани денеска во читалната „1.000 книги“ во Скопје.
Новите наслови, како што појасни заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, обработуваат теми од економијата, фармацијата, природно математичката област, филозофијата и филологијата, педагогијата, информатичко комуникациските науки и од областа на спортот и физичката култура. Во рамки на овој проект, започнат, во 2009 година, има вкупно 967 преведени и достапни врвни светски наслови.
Овој проект, рече Ристовски, е многу значаен и од повеќе причини се одлучивме за негово проширување со дополнителни 200 наслови во следните четири години, исто како и за отворањето ваков тип читални и во повеќе други општини.
„Првенствено, концептот на овој проект има една суштинска цел, а тоа е најдобрата современа стручна литература да стане достапна за нашата академска јавност на нивниот мајчин јазик. И несомнено, оваа цел доследно ја исполнува. Мошне успешно ја пренесува научната мисла, така што овие книги играат клучна улога во развојот, напредокот и протокот на идеи во научната сфера“, истакна Ристовски на промоцијата на која присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Додаде дека покрај ова проектот донел и други бенефити. Во неговата реализација, додаде заменик министерот, беа и се уште се вклучени речиси 20 издавачки куќи, бројни преведувачи и други соработници.
„Тоа значи дека непосредно проектот креираше доста нови работни места во издавачката дејност и обезбеди позитивен тренд и нејзино придвижување во нагорна линија“, истакна Ристовски.
Потенцира дека првично и читалната „1.000 книги“ примарно била отворена за поддршка на проектот, како простор во кој ќе бидат презентирани сите преведени стручни изданија и ќе бидат достапни за граѓаните.
„Читалната изгради сопствен идентитет како „втор дом“ за студентите-посетители кога подготвуваат семинарски работи, истражувања или презентации, како и за средношколците кои доаѓаат да ја користат стручната литература за своите проектни задачи за државната матура или за каква било цел. Убеден сум дека токму од овде се произлезени многу решенија на индивидуални или колективни предизвици, низа бизнис идеи, идеи за научни и истражувачки проекти, а можеби и некоја иновација“, истакна заменик министерот за образование и наука.
Од анализите на читалната, рече, може да се види дека најмногу се користат книгите од областа на медицината, а потоа од областите на економијата, хемијата, правото и политичките науки и информатиката.
Проектот опфаќа книги од повеќе од 25 области и под-области, кои може да се погледнат на специјализираната интернет страница 1000knigi.mon.gov.mk, како и во каталогот на капитални книгоиздателски проекти кој пред десетина дена го објави Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука и кој е достапен на нашите интернет сајтови mon.gov.mk и kultura.gov.mk.
Повтори дека покрај најавените читални во Аеродром, Струмица и Велес, ќе бидат отворени и читални во Струга, Прилеп и Гевгелија.