Трибина „Доброволно крводарителство-потреба и предизвик“ во Охрид

Во рамки на своите континуирани активности за развој и унапредување на крводарителството во општина Охрид и општина Дебрца, Црвен крст Охрид преку најразлични форми на организирање и дејствување, особено внимание посветува на мотивацијата на населението за доброволно дарување крв, што има за цел задоволување на потребните количества од драгоцената течност за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во Охрид.

Во таа насока, а во пресрет на одбележувањето на 17-ти март, Денот на крводарителството во Република Македонија, Црвен крст Охрид организира јавна трибина на тема „Доброволно крводарителство-потреба и предизвик“. Трибината, на која учество ќе земат крводарители, стручни лица од Институтот за трансфузиона медицина на Р.Македонија, пациенти, претставници на Клуб 25 на крводарители при Црвен крст Охрид и сите заинтересирани граѓани за оваа тема, ќе се одржи утре (16ти март) со почеток во 14 часот во големата сала на Општина Охрид.

Се покануваат и охрабруваат нашите сограѓани да учествуваат на темата која живот значи-крводарителството.