„Титоисти“ одбележува 73 години од формирањето на КПМ

Здружението „Титоисти“ од Охрид одбележува 73 години од формирањето на Комунистичката партија на Македонија.

„Во редот значајни датуми во Македонската историја, секако е 19-ти март, кога се навршуваат 73 години од формирањето на Комунистичката партија на Македонија, во виорот на најзначајните борби за ослободување на нашата татковина во Втората Светска Војна. Партијата, која беше предвесник на промените во социјалистичкото македонско општество, во куќата на семејството Јовановци во Тетово, ја формираа видни македонски дејци, чии идеи за зајакнување и за просперитет на државата, беа столбови на македонската повоена државност. Имињата на нејзините творци, Лазар Колишевски, Цветко Узуновски – Абаз, Кузман Јосифовски – Питу, Страхил Гигов, Бане Андреев и Мара Нацева, доволно зборуваат и денес, по повеќе од седум децении, за интелектуалната елита, цврстина и единство на самата партија, во идеите за еднаков развој на Македонија, во рамките на Југословенската Федерација.“- велат од Здружението „Титоисти“.

КПЈ во 1952 година, се преименува во Сојуз на Комунистите на Македонија.

„Со воведувањето на партискиот плурализам, името е променето во СКМ – Партија за демократска преобразба, и под тоа име настапи на првите повеќепартиски избори во Македонија. Истовремено, доаѓа и до промена на идеологијата, од комунистичка во социјалдемократска. На конгресот во 1991 година, партијата го добива денешното име, Социјалдемократски Сојуз на Македонија, иако мал дел од тогашното членство се отцепува од матичната партија, поради задржување на комунистичката идеологија. Иако владејачките структури можат да ја менуваат историјата во корист на некои свои лични убедувања, колективното сеќавање не може да го избрише никој. А во него, КПМ има високо морално и вредносно место!“- додаваат од Здружението „Титоисти“ од Охрид.