Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) преку мисијата во Скопје го поздрави вчерашното усвојување на извештајот на Државната изборна комисија и порача дека прочистувањето на избирачкиот список е клучен предуслов за веродостојни избори.
„Направени се некои позитивни чекори, како измените на Изборниот закон и новиот состав на Државната изборна комисија, но, сепак голем број прашања треба да се решат до изборите. Едно од нив, ако не и најважното, е прочистувањето на избирачкиот список. Кредибилен избирачки список, во кој ќе веруваат сите граѓани, е клучен предуслов за веродостојни избори“, пишува во изјавата дадена за Сакамдакажам.мк.
Оттаму ја поддржуваат ДИК да продолжи да работи.
„ДИК активно работи во завршување на вкрстените проверки, а позитивен е и нејзиниот систематски пристап во прочистување на списокот. Мислиме дека сè уште има време ефективно да се решат отворените прашања, за да може претстојните избори да бидат подобри од претходните. Оставаме на ОДИХР да процени дали тие ќе бидат веродостојни, откако ќе се спроведат”, се вели во писмената изјава од мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Извор: meta.mk