Денес во Првата недела од Великиот пост, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Владо Недески и Роберт Илијевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.
„Литургијата ќе остане засекогаш запаметена за дипломираниот богослов Павел Крцоски, кој од рацете на Митрополитот Тимотеј беше ракоположен во ѓаконски чин.
Од името на Митрополитот Тимотеј и од сета Епархија, му го честитаме ѓаконскиот чин на Павел, со молитви кон Бога, Он да го води по патот на Неговите заповеди, на патот кон спасението.“- велат од Дебарско-кичевската епархија.
По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј му се обрати на многубројниот верен народ со пригодна беседа.