Андреевски: Се увезува поскапа струја за неверојатни 41.7 проценти

Претседателот на Комисијата за енергетика, Митко Андреевски, денес во изјава за медиумите истакна:

„Во земјава се увезува струја поскапа за неверојатни 41.7 проценти!

Денеска сме овде да побараме од Регулаторната комисија за енергетика да излезе и да објасни зошто дозволуваат граѓаните да ја натплаќаат увезената струја?

Со последната Одлука, Регулаторната комисија за енергетика утврдила дека ЕВН ќе ја набавува електрична енергија на слободниот пазар за 51.46 евра по мегават час!

Но, последните податоци од берзите на електрична енергија во регионот: бугарската Берза , Берзата во Србија , унгарската Берза , хрватската Берза покажуваат дека цената на струјата на слободниот пазар е 30 евра по мегават час!

Зошто, ако е падната цената на електричната енергија на слободниот пазар, Регулаторната комисија за енергетика и дозволува на ЕВН да набавува струја поскапа за 20 евра по мегават час?

Каде завршуваат 41.7 проценти вишок пари, земени од граѓаните на Република Македонија, со дозвола на Регулаторната комисија за енергетика?

Регулаторната комисија за енергетика има обврска да ги штити интересите на граѓаните на Македонија, а не политички и бизнис интереси.

Ќе потсетам дека Комисијата во јули 2012 година ја зголеми цената на струјата за приближно 10 отсто, поради зголемени трошоци за увоз на електрична енергија на ЕЛЕМ.“- изјави Андреевски.