Спречен обид за увоз на месо со поминат рок, запленети семки од марихуана, девизи, цигари и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија обид за внесување на месо со поминат рок, открија една царинска измама, мигранти и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани семки од марихуана, девизи, цигари, облека, товарно возило, апарат за тестирање дизни, техничка стока, алат, фалсификати и друго.

Девизи

– 4.150 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин кој управувајќи австриски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат.Патникот пријавил дека со себе носи околу 2.500 евра, но во мала рачна торба се пронајдени 6.150 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека 4.150 евра се привремено задржани и против патникот е отпочната соодветна постапка.

– 3.100 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при личен претрес на македонски државјанин кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за влез во државата на граничниот премин Богородица. Во внатрешниот џеб од јакната на возачот биле пронајдени вкупно 13.100 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на лицето му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 3.100 евра се привремено задржани, а против истото е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Цигари
– 30 штеки цигари марка MONTECARLO со македонски контролни маркички, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патната торба на македонска државјанка, која имала намера да отпатува со лет за Лондон. Цигарите се привремено задржани, а против сторителката е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Семки од марихуана

– 7 семки од марихуана, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. На прашање на царинските службеници, патникот изјавил дека патува за Германија каде работи, и дека нема што да пријави за царинска контрола. Сепак царинските службеници извршиле контрола на возилото при што во патна торба сместена во багажниот простор, се пронајдени 5 семки од марихуана спакувани во картонска кутија со натпис „Sensi Seeds“, а во друга патна торба се пронајдени уште 2 семки од марихуана спакувани во картонска кутија со натпис „Barney’s Farm“.Покрај тоа, пронајдена е и мала направа за мелење марихуана.

Месо со поминат рок на траење

– Во царинската испостава Гевгелија е спречен обид за влез во државата на 877,94 килограми замрзнато говедско месо без коска со поминат рок на употреба и со вредност од 2.728,10 евра. При детален преглед на месото кое е со потекло од Бразил, а било наменето за увозник од Струмица, царинските службеници од налепниците на пакувањето на месото утврдиле дека се работи за стока со поминат рок на употреба. За наодот била известена Агенцијата за храна и ветеринарство, Сектор за испекциски надзор ПЕ Гевгелија, која веднаш излегла на терен и по нивните наоди било изготвено решение за забрана за пуштање на стока во слободен промет која е небезбедна за здравјето на потрошувачите, а увозникот е задолжен да ја уништи стоката. Против увозникот е покрената прекршочна постапка со мандатно казнување.

Мигранти

– На царинска испостава железничка станица Гевгелија, на влез во државата при физички преглед на 16 празни вагони пронајдени се 48 илегални мигранти со потекло од Авганистан. Истите се предадени на граничните полициски служи во Гевгелија за понатамошна постапка.

Облека

– 548 парчиња облека (детски хеланки и блузи), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на обиколницата околу Скопје, во близина на с. Визбегово. Непријавените производи за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во повеќе кеси сместени на задното седиште и во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 60 машки памучни кошули, откриени при контрола на стока со потекло од Германија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Штип. Кошулите, што не биле опфатени со увозната царинска декларација и придружните документи, се привремено задржани, а против увозникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 540 парчиња женски хулахопки, откриени при контрола на македонски автобус кој сообраќал на редовната линија Болзано-Дебар, а бил управуван од македонски државјанин и пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Хулахопките биле пронајдени во три патнички торби, сместени во багажниот простор на автобусот и истите се привремено задржани, а против возачот, кој ја преземал одговорноста за стоката, е поведена соодветна постапка.

Товарно возило и апарат за тестирање дизни

– 1 товарно моторно возило марка DAF, со бугарски регистарски таблички, откриено на граничниот премин Ново Село, за кое било утврдено дека се задржало на теритотријата на државата подолго од законски определениот рок. Возилото последен пат е евидентирано на влез во државата на 5 јуни 2015 година, а возачот, македонски државјанин, не поседувал документ со кој би го оправдал незаконското задржување на возилото на територијата на Република Македонија. Возилото е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 1 апарат за тестирање commonrail дизни, марка AS, откриен при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Апаратот, пронајден позади совозачкото седиште, е привремено задржан, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Техничка стока и алат

– 386 разни технички производи, машини и алати (бормашини, полначи за батерии, мотокултиватор, машини за перење возила, авто-радиокасетофони, USB стикови, DVB-T ресивери, звучници, слушалки, WEB-камери, брусилка и DVD плеер), откриени во 3 одвоени случаи, при контрола на три возила, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
Во првиот случај, при контрола на француски автомобил, управуван од македонски државјанин, во торби и кутии сместени во багажниот простор, пронајдени се 358 разни технички производи (авто-радиокасетофони, USB стикови, DVB-T ресивери, звучници, слушалки и WEB-камери).

Во вториот случај, при контрола на италијански автомобил, управуван од македонски државјанин, во пет патни торби сместени во багажникот на возилото, се пронајдени 21 бормашина со полначи за батерии марка BLACK&DECKER, BRIKSTEIN BKAV 144VG и STANLEY FMC 625 H1, и 6 полначи за батерии марка BOSCH, STANLEY FATMAX и WORK WA 3860.

Во третиот случај, при контрола на празно белгиско товарно комбе управувано од македонски државјанин, во товарниот дел, покриени со неколку стари теписи, пронајдени се 1 мотокултиватор марка HONDA МС 738 GX 270, 4 Машини за перење на возила марка KARCHER, 1рачна брусилка марка BOSCHи 1 DVDплеер марка PHILIPS.

Во сите три случаи, непријавените производи се привремено задржани а против возачите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Останато

– 1.180 хартиени кеси за пакување ќумур, откриени при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените кеси, пронајдени во товарниот дел на возилото, како и на горниот кревет во кабината на возилото, се привремено заржани апротив возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 400 грама семиња и 20 дисплеи за мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи во царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење.
Во првиот случај, при контрола на пратка од Холандија, наменета за фирма од Скопје, откриени се повеќе ќесички со семиња од морков, домати, цвекло и кромид, со вкупна маса од 400 грама со ознаки на заштитена трговска марка.

Во вториот случај, при контрола на друга пратка од Кина, наменета за увозник од Косово, се пронајдени 20 дисплеи за мобилни телефони со ознаки на повеќе заштитени трговски марки.

– 3 рачни часовници со ознаки на заштитена трговска марка, откриени во царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на три пратки од Холандија, наменети за физички лица од Скопје и Тетово.

Во сите три случаи, производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи Царинската управа ќе поведе постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Царинска измама

– Во царинската испостава Гевгелија е откриен обид за избегнување на плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока. Увозник од село Арачиново, Скопје пријавил за увозно царинење свежи домати, распоредени во тарифна ознака со царинска стапка од 25%, прелевман од 0,12 евра по килограм и ДДВ од 5%, но по извршената контрола констатирано е дека се работи за стока која треба да се распореди во тарифна ознака со царинска стапка од 65% и ДДВ од 5%.. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 17.800 денари.