Препораки за развој на живинарството во Македонија

Изградба на нови и обнова на постоечките капацитети за бројлерско производство (фарми), создавање препознатлив домашен производ, константно производство и снабдување на пазарот со пилешко месо, добра промоција која е клуч на успехот, но и многу подобра организација, односно заеднички настап на пазарот.

Такви препораки се изнесени на денешната презентација на резултатите од „Проектот за развој на живинарството во Република Македонија“, спроведен со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации – ФАО, соопшти ресорното Министерство.

Според соопштението, за препораките се согласиле учесниците на завршната работилница за проектот охрабрени од податоци во анкета според која 96 проценти од испитаниците консумираат пилешко месо, 80 проценти прават разлика меѓу замрзнатото и попосакуваното свежо месо, 62 проценти преферираат домашно пилешко месо, а речиси сите квалитетот и безбедната храна ги ставаат пред цената на производот.

Според министерот за земјоделство Михаил Цветков, развивањето на живинарството е утврдено како еден од клучните приоритети во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014-2020, а целта е до 2025 година во Македонија да се произведуваат 10.000 до 12.000 тони пилешко месо.

За остварување на поставената цел, според соопштението, носечка улога ќе имаат семејните живинарски фарми, кои ќе бидат организирани во задруги, поради заеднички вложувања и користење ист кланичен капацитет, но и за полесен пласман на производите на пазарот. Дополнително, задругите ќе имаат можност да добијат поддршка од Владата преку вработување лице кое ќе управува со задругата, субвенции за набавка на потребна опрема, механизација и слично. Достапна финансиска поддршка за членовите на задругата ќе има и во рамки на програмите за директни плаќања, европските ИПАРД фондови, а предфинансирањето на овие инвестиции ќе биде помогнато со поволни кредити преку македонските комерцијални банки за кои државата ќе гарантира преку формираниот Гарантен фонд и ќе ги субвенционира каматните стапки до висина од 50 проценти.

„Овој проект има посебна важност за нашата држава, бидејќи живинарството е една од гранките кои не се развиени, имаат голем потенцијал, но се соочуваат со големи потешкотии и предизвици. Податоците се загрижувачки, сегашното производство од 500 тони живинско месо покрива само пет проценти од потребите на пазарот во Македонија, при што 95 проценти увоз не чини околу 50 милиони евра годишно“, навел министерот Цветков.

Пилешкото месо, посочил, е најголемата поединечна ставка во увозот на земјоделско-прехранбени производи и ние сме практично увозно зависни од овој производ. Тоа, како што укажал Цветков, бил основен мотив да се започне со сериозен пристап кон решавање на овој проблем, а стратешката цел на политиката, не е во насока да се стреми да произведе живинско месо кое би било наменето за преработка и задоволување на потребите на преработувачките капацитети, иако и оваа можност нема да биде исклучена.

„Напорите ќе бидат насочени кон покривање на дел од пазарот на свежо пилешко месо, кој за жал не се развива делумно и заради навиките на потрошувачите за купување замрзнато пилешко месо“, истакнал министерот за земјоделство Цветков.