Зголемен бројот на магистри, специјалисти и доктори на науки

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2015 година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 2 440 лица од кои 2 202 или 90.2% се магистри и 238 или 9.8% се специјалисти. Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2014 годинa, е зголемен за 11.2%. 

Учеството на жените магистри во вкупниот број на лица кои стекнале научен степен магистер на науки, во 2015 година изнесува 58.6%.

Во 2015 година, најголем број од магистерските трудови, 1 542 или 70.0%, се од областа на општествените науки, 16.0% се од областа на техничко-технолошките науки, а останатите се од областа на хуманистичките, природно-математичките, биотехничките и медицинските науки.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2015 година, звањето доктор на науки го стекнале 246 лица што претставува зголемување за 19.4% во споредба со 2014 година.

Најголем број од лицата докторирале во областа на општествените науки, 29.3%, потоа на медицинските науки, 25.2%, следат техничко – технолошките науки со 21.1%, а останатите лица докторирале во областа на хуманистичките науки, биотехничките и природно-математичките науки.

Бројот на жените кои одбраниле докторска дисертација во текот на 2015 година изнесува 143 кандидати што претставува 58.1% од вкупниот број на лица кои докторирале во 2015 година.

Од вкупниот број докторирани лица, најголем процент, 47.2%, својата професија ја вршат во образовната дејност.