Новоименуваните амбасадори на Судан, Виетнам и Индонезија ги предадоа акредитивните писма

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Судан, на Социјалистичка Република Виетнам и на Република Индонезија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Судан со седиште во Софија, Н.Е. Илхам Ибрахим Мохамед Ахмед, беше изразена волја за продлабочување на севкупните односи меѓу двете земји , како на билатерален така и на мултилатерален план.

„Верувам дека со Вашиот ангажман и професионално искуство, ќе придонесете кон изнаоѓање на нови форми за збогатување на билатералната соработка, која до овој период е незначителна и скромна” истакна претседателот Иванов.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам со седиште во Софија, Н.Е. Нгујен Ти Хонг Оан, претседателот Иванов изрази задоволство од воспоставените пријателски односи и соработката меѓу двете држави во сите области од заемен интерес, за што потврда е и официјалната посета на Република Македонија на потпретседателот на Виетнам, Н.Е. Нгујен Ти Доан, во декември 2014 година за време на која се потпишаа и два значајни договора кои придонесоа во воспоставувањето на солидна правна рамка за соработка на двете земји.

Новоименуваниот виетнамски амбасадор, Оан ја потврди заложбата на Виетнам за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на економијата, културата и образованието изразувајќи ја подготвеноста на нејзината земја за активна и блиска соработка и натамошно унапредување на пријателските односи.

VIETNAM

На средбата со новиот амбасадор на Република Индонезија со седиште во Софија, Н.Е. Сри Астари Расџид, двајцата соговорници изразија задоволство од заемната желба за сестран развој на пријателските односи и за соработката во сите области од заемен интерес.

„Сакам да Ве уверам дека Република Македонија е подготвена за интензивирање на односите и соработката, и тоа не само на билатерален, туку и на мултилатерален план. Особено во системот на Обединетите нации и Алијансата на цивилизациите, каде нашите две држави можат да дадат голем придонес”, порача претседателот Иванов.

Новоименуваниот индонезиски амбасадор, г-ѓа Расџид изрази уверување дека во блиска иднина меѓусебното разбирање и доверба ќе резултираат со разновидна соработка особено во областа на економијата, јакнењето на трговската размена и можностите за инвестиции, образованието, туризмот и културата.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

INDONEZIJA