Министерот Адеми учествува на Глобален образовен самит кој се одржува во Турција

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми учествува на Глобалниот образовен самит кој вчера и денес се одржува во Истанбул, Република Турција. Министерот Адеми, денес на вториот ден од Самитот, говореше на тема образовни технологии, миграции, осврнувајќи се на мигрантската криза и образованието на бегалците од Блискиот Исток.

„Денес, кога светот се соочува со една од најголемите хуманитарни кризи, напливот на бегалци од земјите зафатени со братоубиствени војни, свесно треба да признаеме, дека освен засолниште за овие луѓе, ние како држави треба да им овозможиме и соодветно образование. Покрај топла храна и облека, на овие луѓе им е потребна и едукација. Голем дел од лицата кои секојдневно ги гледаме на тв екраните, се млади луѓе, луѓе кои избегале од виорот на војната во нивната татковина и го прекинале нивното образование. Дел од нив се ученици, дел се студенти, дел се инженери, доктори, економисти“, истакна Адеми, во своето обраќање.

Дел од нив, додаде Адеми, не знаат каде одат, знаат само дека таму некаде можеби ги чека посветла иднина. Дел знаат странски јазик, но најголемиот дел од нив не.

„Како тие луѓе утре кога ќе најдат засолниште во Европа, ќе се интегрираат во системот кој функционира, како ќе можат да коминицираат со околината. Дали некој воопшто и размислува на оваа тема. Затоа сме тука, заедно да дадеме мал придонес во подобрување на состојбата во која се наоѓаме и ние како држави, но и емигрантите кои бараат корка леб за себе и своите семејства“, рече Адеми.

Една стара поговорка вели, истакна Адеми, научи го човекот да лови риба и никогаш нема да биде гладен. Министерот напомена дека треба да им се овозможи на мигрантите да се едуцираат, да можат сами да обезбедат егзистенција за семејствата, за да не чекаат од државите кои ќе ги примат.

„Низ Република Македонија секојдневно транзитираат илјадници мигранти од Блискиот Исток. Дел од нив остануваат во нашата држава. За нив се обезбедени центри за прифаќање, кои освен топла облека и храна, нудат и соодветно образование. Неодамна во еден од македонските весници, осамна текст во кој беше пренесена приказната на една бегалка од Блискиот Исток, која волонтира во камповите, со единствена цел, децата да го продолжат своето образование, согласно условите кои ги имаат. Верувам да може да се најдат повеќе вакви ентузијасти, секој кој избегал од воените подрачја, нема да сака да биде на товар на државата која ќе го згрижи. Ќе биде доволно едуциран, самиот да најде било каква работа, да биде полезен за неговото семејство, да им обезбеди светла иднина на неговите деца“, рече Адеми, потенцирајќи дека голема улога во образованието на мигрантите, треба да имаат и светските корпорации, со одвојување на многу мал процент од нивниот профит, за да може да се изградат привремени училишта во мигрантските кампови ширум Европа.

„Уверен сум дека меѓу мигрантите се кријат генијалци, идни доктори, информатичари, луѓе кои сакаат да им помагаат на останатите, но во моментот неможат. Ние сме тие кои треба тоа да им го овозможиме, ние сме привиот чекор кон нивната едукација. Верувам дека само образованието, може да го победи секој терор и злосторство. Секогаш е полесно да се преговара со стотина образовани, отколку со еден необразован човек, бидејќи образованието е најсилното оружје кое го поседува човештвото“, рече во своето обраќање министерот Адеми.