Отсега од „Александар Велики’“ по два пати неделно ќе се лета до Берлин, Копенхаген и Братислава

Со церемонија на сечење торта, ТАВ Македонија и Визер денеска го одбележаа отворањето на трите нови линии од скопскиот аеродром „Александар Велики“ до Берлин, Копенхаген и Братислава, чии први летови почнаа во изминатите седум дена, односно на 21-ви, 22-ри и 28-ми март, соодветно.

Со почетокот на пролетта приредуваме нови изненадувања за нашите патници. Со воведувањето на трите нови линии од аеродромот ,,Александар Велики’’ до Берлин, Копенхаген и Братислава, односно до три главни града во три држави, бројката на главни градови со кои Скопје е воздушно поврзано во Европа, од 11 се зголеми на 14. Сите три линии ќе бидат сестрано прифатени од нашата дијаспора, граѓаните на Македонија, туристите и бизнисмените. За прв пат од Скопје ќе се лета за Словачка, што ќе биде извонредна можност за запознавање со убавините на Братислава. За нас Македонците оваа линија има и посебно културолошко значење, со оглед на историскиот факт дека браќата Кирил и Методиј својата просветителска мисија ја остварувале токму во Моравија. Копенхаген ќе биде уште едно поврзување на Македонија со скандинавските земји, и можност Данците кои се познати како патувачи и кои го посетуваат Охрид, да доаѓаат во Македонија преку целата година. Берлин е деветта по ред дестинација во Германија, која е интересна како од туристички, така и од бизнис аспект. ТАВ Македонија ќе продолжи посветено да работи на воведување и на нови услуги и погодности за патниците во терминалната зграда, преку нашите партнерски фирми BTA-задолжена за храна и пијалаци, ATU- која управува со безцаринските зони, ТАВ ИТ – која менаџира со информациските технологии и ТАВ МОС – која се занимава со оперативните услуги“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Wizz Air во рамки на летниот распоред на летање на скопскиот аеродром кој почнува од денеска, ќе лета на трите релации по два пати неделно, и тоа Скопје-Берлин во вторник и во сабота, Скопје-Братислава во понеделник и во петок, и Скопје-Копенхаген во среда и во недела.

„Македонија продолжува да ги исполнува нашите очекувања за пораст на бројот на патници и ние одговараме со повеќе дестинации и пониски цени. Македонија не само што може да се пофали со богата историја туку и со неверојатна природна убавина, особено околу Охридското езеро. Во Скопје, Старата чаршија, Камениот мост и тврдината Кале носат туристи од Европа, многумина од нив со летовите на Визер, кои брзо се вљубуваат во оваа земја. Многу сме горди што можеме да помогнеме во зајакнувањето на економијата и мултиплицирањето на можностите на земјата“, изјави Дејвид Морган, извршен директор за летачки операции на Визер.

Со новите линии Визер има повеќе од еден милион седишта на располагање за 2016 година, што претставува пораст на капацитетот за 22% споредено со 2015 година. Авиокомпанијата нуди нискобуџетни линии до 24 дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, притоа поврзувајќи ги македонските граѓани со 11 држави. На почетокот од годинава го одбележа надминувањето на два милиони патници во Македонија, од почетокот на своите операции во 2011 година.

Покрај отворањето на трите нови рути, Визер најавува и нова линија до Хамбург во Германија, почнувајќи од 20 јуни, што всушност ќе биде замена за досегашната линија до аеродромот во Лубек, како помал град во близина на Хамбург. За сите летови продажбата е на следниот линк: www.wizzair.com.

ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со пораст од 22% на вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, достигнувајќи бројка од 1.560.381 патник. Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст 11% на годишно ниво.

Трендот на зголемен сообраќај продолжува и годинава. Во првите два месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 219.378 патници, што е пораст од 28% во однос на истиот период во 2015 година. Истовремено, бројот на операции (полетувања и слетување) на двата аеродроми е зголемен за 15%.

На почетокот од месецов скопскиот аеродром ,,Александар Велики’’ ја доби ASQ наградата за најдобар аеродром во Европа за 2015 година за квалитетот на услугите, во категоријата на аеродроми под два милиони патници, што е трет пат како го добива ова признание од страна на престижната авијациска организација ACI (Airports Council International), по добивањето на истатата награда во 2012 и 2013 година.