Потпишан протокол за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии на Сити колеџот во Солун за академската 2016/2017 година

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска со Спиро Ристовски, заменик министер за образование и наука на Република Македонија и со Јоанис Верверидис, директор на „Сити колеџ”, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот „Шефилд” од Велика Британија, лоциран во Солун, Грција, го потпишаа протоколот за соработка за доделување на стипендии „Борис Трајковски” за академската 2016/2017 година.

Стипендиите, традиционално, се доделуваат на 20 најдобри студенти за постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација – МБА на Сити колеџот во Солун, Факултет за меѓународни студии, при Универзитетот „Шефилд” од Велика Британија. Секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на Сити колеџот и изнесува 14. 890 евра при што педесет проценти обезбедува Владата на Република Македонија, а останатите педесет Сити колеџот.

Интернационалниот факултет Сити колеџ Солун е еден од шесте факултети во рамките на Универзитетот Шефилд и единствен кој е надвор од Обединетото кралство. Сити колеџот има четири катедри и покрај кампусот во Солун има свои програми во Софија, Белград, Букурешт и Киев.