Донација од Чешка за македонската полиција

Денеска во Министерството за внатрешни работи, министерот Оливер Спасовски и амбасадорот на Чешката Република Мирослав Рамеш го потпишаа Договорот за донација од 740.000 евра за набавка на 25 теренски возила за потребите на македонската гранична полиција.

„Би сакал да ја искористам оваа прилика уште еднаш да и се заблагодарам на Чешката Влада и Министерството за внатрешни работи на Чешката Република за несебичната поддршка која ни ја даваат во справувањето со мигрантската криза, знаејќи дека ова е трета донација од нивна страна која е директно наменета за полициските службеници“, истакна министерот Спасовски.

Во првите две донации, кои беа во вредност од околу 125.000 евра, беа донирани 10 шатори и 10 греалки, 150 кревети, 500 вреќи за спиење, 10.000 ќебиња, 5000 мантили за дожд, 5000 изотермални фолии и 2 генератори за струја.

Покрај овие, најавена е и нова донација на опрема на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија од страна на Чешката Република, која заедно со останатите донации, вклучувајќи ја и денешнава, ќе надмине вредност од еден милион евра.

„Покрај со финансиски средства, Чешката Република ни помогна и со човечки ресурси, односно во два наврати беа испратени по 27 полициски службеници на македонско-грчката граница, кои рамо до рамо со македонските полициски службеници активно учествуваат во контрола и надзор на граничната линија, како и во процесот на регистрација на бегалците.“, посочи министерот Спасовски.