Државниот архив одбележува 65 години од формирањето

Работен состанок за основање Совет на архиви на Југоисточна Европа се одржува денеска во организација на Државниот архив на Република Македонија, кој одбележува 65 години од формирањето.

Директорот на Државниот архив на Република Македонија Филип Петровски информира дека оваа иницијатива ја изнел на Годишното собрание на Меѓународниот совет на архивите минатата година во Рејкјавик, Исланд. 

„Недостасува едно здружение кое ќе им помогне на нашите архиви, на нашите вработени, на стручњаците од областа на архивите и архивистиката да соработуваат, да разменуваат искуства и симболично да ги изградиме мостовите кои можеби недостасуваат или ги има но не се доволно силни“, рече Петровски.

На состанокот присуствуваат претставници од архивите на БиХ, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Косово, Турција, Романија, а почесни гости се претставници од Меѓународниот центар за архивско истражување (ICARUS), конзорциум со седиште во Виена.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека иницијативата за создавање на оваа асоцијација, која произлезе од директорот на Државниот архивот на Македонија, ќе биде двигател на многу заеднички проекти и активности кои ќе бидат во функција на соодветна заштита и промоција на нашето културно и историско наследство.

Државниот архив на Македонија, кој е чувар на нашата колективна меморија одбележува голем и значаен јубилеј 65 години од своето постоење. Оваа институција во изминатите шест и пол децении ревносно се грижеше за прибирање, обработка, заштита, чување и користење на нашето архивско богатство, на она што не идентификува како народ, како држава, како нација, рече Канческа-Милевска.

Имплементирајќи ги меѓународните и европските стандарди од областа на архивистиката, Архивот, како што рече, прерасна во модерна институција која континуирано врши збогатување на својот фонд со значајни документи кои се во приватна сопственост, но и со документите кои се наоѓаат во архивите, библиотеките и другите установи од овој тип во повеќе држави во светот.

„Во оваа институција е сместен богат оригинален архивски материјал, повеќе од 57 милиони документи, збирки, раритетни книги и микрофилмови со над 11 милиони снимки, значајни документи кои се дел од ризницата на Државниот архив и кои се наша национална гордост“, рече Канческа-Милевска.

Министерката за култура потсети дека е изграден нов објект на Државниот архив на Македонија во кој, како што рече, внимателно се заштитени адресите на домување на македонскиот јазик, историја, култура и традиција.

– Последните години се изградија голем број на музеи во Република Македонија во кои презентиравме вредни артефакти кои се доказ за нашето историско траење, примероци кои откриваат познати и непознати предели од нашето богато минато, рече Канческа-Милевска, која додаде дека се реализирани неколку значајни капитални едиции на книги и голем број документарни филмови.

DSC_0098

Во рамки на 65-годишниот јубилеј од постоењето на Државниот архив на Македонија, беше промовирана едиција, серија на копии од репрезентативни документи од македонското културно и историско наследство, верни на оригиналот. Ќе бидат достапни низ сувенирниците низ Република Македонија.

Денеска беа промовирани-Писмото од раководството на Вториот македонско-одрински револуционерен округ до војводите Кочо, Тане, Леко и Пандил во Леринско од 1905 година, Потврда за примена награда во знак на благодарност за услуги кон Македонското ослободително дело на Георги Х. Митрев, од Централниот комитет на ВМРО од 1925 година, Говорот на Панко Брашнаров по повод отворањето на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, Решението за македонската азбука донесено од Народната влада на Федерална Македонија, дадено од Министерството за просвета на Федерална Македонија од 16 мај 1945 и Законот за химната од 1946 година.

Министерката за култура изрази надеж дека овие документи ќе го испровоцираат вниманието на нашата домашна јавност и на нашите иселеници во дијаспората.

Според Петровски, се работи за 10 документи кои се значајни за пошироката јавност, за денешницата и за проучување на историјата на нашата држава и македонскиот народ. Едицијата е во зародиш и додаде дека поседуваат многу значајни документи кои можат да бидат од интерес на јавноста, дури да станат и наставно-научни помагала во процесот на образование.

Државниот архив на Република Македонија вечер во Македонскиот народен театар организира свечена академија.