Катастарот воведе ВИП постапка за регистрација на имот со која пренесувањето на недвижност од едно на друго лице се врши во три чекори за шест дена. Разликата во цената со постоечката постапка, со која активностите се во седум чекори и траат 30 дена, е од 3.000 до 6.000 денари.
Според директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски, со воведувањето на дополнителната ВИП постапка им се овозможува на граѓаните да имаат избор на кој начин сакаат да ја регистрираат недвижноста.
По извршените законски измени постапката стана ефективна од почетокот на годинава во хартиена форма, а од денеска со надградбата на е-шалтерот на Катастарот на граѓаните и правните лица им е достапна по електронски пат. Започнува од нотарот кој ќе им укаже на странките за можноста за ВИП постапката. Доколку ја прифатат ќе ги упати на овластен проценител кој во рок од три дена ќе изготви процена на предметната недвижност, а потоа сите документи вклучувајќи ја и аконтативната даночна пријава по електронски пат проценителот ќе го достави до нотарот кој ја води постапката. Нотарот во рок од два дена ќе го солемизира договорот, ќе го плати данокот на промет на сметка на општината, ќе достави клаузула за платен аконтативен данок на промет и по електронски пат ќе ги достави сите документи во Агенцијата за катастар на недвижности која во рок од еден ден ќе изврши регистрацијата на недвижноста и ќе издаде имотен лист.
„Со ова постапката за регистрација на имот завршува, а Катастарот по електронски пат целокупната документација ќе ја проследи до надлежната општина која ќе ја провери процената и ќе донесе даночно решение. Ваквата постапка се одвива во три чекори и ќе трае вкупно 6 работни дена од започнувањето на процесот,“ рече на прес-конференција Трпевски.
Претседателката на Комората на проценувачи Надица Младеновска Крцковска остакна дека со ВИП постапката граѓаните добиваат брзина и сигурност при впишување на недвижноста, а општините сигурни и зголемени приходи по основ на данок на промет на недвижности. Комората, посочи, има 238 членови проценувачи кои се во целост подготвени за спроведување на оваа постапка.
Со ВИП постапката, како што рече претседателката на Нотарската комора Зорица Пулејковска, граѓаните и компаниите ќе добијат уште поголема правна сигурност при трансферот на недвижности.
„Сметаме дека на овој начин буквално ќе се сведат на минимум можностите за каква било измама во овие трансакции. Граѓаните и компаниите ќе имаат голем бенефит во оваа постапка и ќе им ја препорачуваме на сите кои ќе сакаат во ист ден кога ќе ја платат купопрдажната цена да бидат регистрираните во Катастарот како сопственици на имотот за којшто платиле“, рече Пулејкова.
Вака поставената ВИП постапка, според Трпевски, се очекува да има и големо влијание на новиот извештај на Светска банка Doing Business 2017 каде според анализите на Катастарот би требало да има подобрување на рангирањето за најмалку 10 места.
„Од сегашното 50 место кај индикаторот за регистрирање на имот Република Македонија би требало да се најде на најмалку на 40 место во светот во овој индикатор. Доколку оваа постапка стане доминантна при регистрирањето на имот во Република Македонија тогаш кај индикаторот регистрирање на имот ќе може да бидеме меѓу првите 10 земји во светот,“ рече Трпевски.