Работна посета на Прифатниот центар за баратели на азил-Визбегово на Ташевска-Ременски

Министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски ја посети Јавната установа за сместување на лица баратели на азил “Прифатен центар за баратели на азил“, Визбегово при што оствари средба со диреткорот Страшо Ангеловски и со вработените.

Целта на посетата беше да се согледа состојбата со згрижувањето на моментално сместените азиланти во Прифатниот центар, но и да се поразговара за потребите и можностите што ги нуди Центарот. Од страна на одговорните во центарор беа искажани проблемите со кои се соочуваат. Беше констатирано дека треба да се обрати поголемо вниимание на потребите на барателите на азил, подобрување на условите за престој и воведување на програми за работа со барателите на азил како механизими за превенција на несоодветни поведенија и ситуации. Беше нотиран недостатокот од стручен кадар и потребата од зголемување на бројот на стручни лица кои ќе работат на давање на психо-социјална поддршка на барателите на азил. Се истакна неопходноста од заемна координација и соработка на сите субјекти вклучени во системот на заштита и работа со барателите на азил.

Во моментов во Прифатниот центар за баратели на азил Визбегово сместени се вкупно 34 баратели на азил од кои: 11 мажи, 8 жени и 15 деца со придружба на старател. По земјата на потекло најголемиот број на баратели на азил се од Сирија, вкупно 23 братели на азил, останатите баратели на азил се од Ирак – 4 баратели на азил, Србија – 4 баратели на азил, од Авганистан, Пакистан и Бугарија по еден барател на азил. Дополнително, согласно со член 48 од Законот за азил и привремена заштита, седум малолетни лица без придружба на старател се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика. По земјата на потекло барателите на азил кои е згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика се од Авганистан – четири лица, Сирија – две лица и Нигерија едно лице.

Инаку, Јавната установа за сместување на лица баратели на азил “Прифатен центар за баратели на азил“, Визбегово е пуштенa во употреба во 2008 година и располага со капацитет од 150 легла и со можност капацитет да се надополни до 250 легла. Во установата има канцеларии за вработените од министерството за труд и социјална политика, канцеларии на МВР, како и канцеларии за меѓународни и домашни невладини организации.

Исто така, Установата располага и со простор за дневна градинка за децата азиланти управуван од невладина организација.

Јавната установа за сместување на лица баратели на азил „Прифатен центар за баратели на азил“, Визбегово – Скопје, е детерминирана како установа чија цел и задача е да сместува и згрижува лица баратели на азил. Основната дејност на Установата подразбира прифаќање, сместување, исхрана, културно-забавни и рекреативни активности, услуги на социјална работа и други услуги во согласност со минимум стандардите за прифаќање на барателите на азил, утврдени со меѓународни акти, ратификувани со Уставот на Република Македонија.

Прифаќањето и сместувањето на барателите на азил во ЈУ Прифатниот центар се спроведува согласно со Прирачникот за стандардни постапки за прифаќање на барателите на азил во Република Македонија.