Средба на претседателот Иванов со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I

За време на работната посета на Република Турција, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов оствари средба со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I.

Двајцата соговорници разменија мислења за повеќе актуелни теми од взаемен интерес‎.

Претседателот Иванов го запозна соговорникот за актуелностите поврзани со Mакедонската православна црква – Охридска архиепископија и нагласи дека сите разлики и спорови треба да се надминуваат преку дијалог, во духот на христијанството и меѓусебното почитување и разбирање.

Во тој контекст, македонскиот претседател истакна дека го охрабрува и очекува дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ да се обнови и да се интензивира, и притоа да ги има предвид реалностите како и надежите и стремежите на верниците на двете цркви.

На средбата, претседателот Иванов му честита на Вселенскиот патријарх за неговите иницијативи, активности и напори за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии и за таа цел ги поздрави неговите средби и контакти со Папата Франциск, но и со другите религиски водачи.

„Кога целиот свет со соочува со тешки предизвици, потребна е заедничка силна посветеност и заложба во одбраната на христијанските вредности и принципи, а кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот и меѓусебната почит”, истакна македонскиот претседател.

П‎ретседателот Иванов изрази задоволство од воспоставените односи на лично пријателство и меѓусебно разбирање, истакнувајќи дека средбите со Патријарх‎от Вартоломеј, секогаш се карактеризираат со отвореност, искреност и меѓусебно почитување.